Охрид оставен без дежурна аптека
Охрид нема дежурна аптека. Во главниот туристички центар во земјава, лекарства после 22 часот се добиваат само преку Брза помош и тоа со упат од специјалист преку аптекар на повик, исклучиво за одредени лекови. Другите итни лекови се недостапни...

Охрид нема дежурна аптека која опслужува 24 часа. Приватните аптеки, кои имаат склучено договор со Фондот за здравствено осигурување, спроведуваат дежурства, но на повик. После 22 часот за итни лекарства мора да се оди во Брза помош од каде што се јавуваат на дежурната аптека, по распоред, која впрочем е затворена, но на повик ќе отвори исклучиво за одредени лекарства единствено пропишани од лекар специјалист.
Екипите на Брза помош добиваат ноќни повици со барања од граѓаните, но се опслужуваат само неколку пациенти месечно.
После 22 часот навечер дежурните аптеки отвораат само со валиден извештај од специјалист или субспецијалист и само за одредени лекарства. Ние ја имаме таа листа на лекарства за кои дежурната аптека отвора. Најчесто добиваме по еден до два три повици за информации за дежурни аптеки, но пациенти со извештај од специјалист за кои аптекарот ќе дојде да отвори најчесто само еден до двајца во месецот,
Охрид како главен туристички центар има потреба од дежурна аптека, не само во летниот период кога има голем број туристи, туку и во зимскиот период. Граѓаните велат, потребно е да има една аптека која ќе работи ноќна смена.
„Има потреба, имаме стари, луѓе со мали бебиња, мора да има дежурна аптека во градот ние сме туристички град на лето кога има туристи имаат потреба од помош“.
„Како не, во туристички град поготово треба да имаме, да, да“.
„Да, треба да имаме затоа што имаме голем број на стари луѓе, недај Боже несреќни случаи“.
Сопствениците на аптеки во Охрид велат сакаат да воведат дежурства, но се соочуваат со недостиг на квалификуван кадар, кој би работел трета смена.
Соња Рилковска
