ЕУ со 800 милијарди евра ќе ги зајакнува одбранбените капацитети
Кулминираа тензиите меѓу Вашингтон и Киев. По кавгата во Белата куќа, американскиот претседател Трамп ја суспендираше воената помош за Украина. Бара Зеленски да покаже посветеност на мировниот процес. Не е познато до кога ќе трае паузата. Врховната рада бара развој на стратешкото партнерство со САД, Брисел претстави план за ревооружување на Европа…

Европа ќе се вооружува, со 800 милијарди евра ќе се зајакнуваат одбранбените капацитети. Планот предвидува олабавување на фискалните ограничувања за земјите – членки за инвестиции во одбрана, заеми и мобилизирање на приватен капитал преку Синдикатот за штедење и инвестиции и Европската инвестициска банка.
Според претседателката на Европската комисија на овој начин Европа одговорно би го презела товарот за сопствената безбедност и би се подобрила воената позиција на Украина пред разговорите со Русија. Во истовреме потенцирано дека Брисел останува посветен на соработката со НАТО партнерите.
„Не треба да ја опишувам тешката природа на заканите со кои се соочуваме или погубните последици доколку тие закани се остварат. Прашањето повеќе, не е дали безбедноста на Европа е загрозена на многу реален начин, или дали Европа треба да преземе поголема одговорност за сопствената безбедност. Вистинското прашање пред нас е дали Европа е подготвена да дејствува толку решително како што налага ситуацијата и дали Европа е подготвена и способна да дејствува со брзина и со потребната амбиција“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Најавата од Брисел доаѓа само неколку часа откако Белата Куќа објави дека ја запираат целата воена помош за Украина. Договорот за ставање крај на непријателствата може да се направи многу брзо, но се чини некој не е заинтересиран, изјави американскиот претседател.
„Мислам дека за танго се потребни двајца и ќе треба да склучите договор со Русија и ќе треба да склучите договор и со Украина. Ќе треба да имате согласност од европските нации, бидејќи мислам дека тоа е важно. Мислам дека сите мора да влезат во соба и ние треба да се договориме, а договорот може да се направи многу брзо. Сега, можеби некој не сака да се договори. И ако некој не сака да склучи договор, мислам дека таа личност нема да биде многу долго во близина. Таа личност нема долго да се слуша“, нагласи Доналд Трамп, претседател на САД.
Од Кремљ велат дека одлуката на администрацијата на Трамп да ја запре воената помош за Украина може да го принуди Киев да прифати мировни преговори.
„Се разбира, деталите допрва треба да се расчистат. Но, ако ова е вистина, тогаш ова е одлука што навистина може да го турне режимот во Киев кон мировен процес“, вели Дмитриј Песков, портпарол ан Кремљ.
Зеленски одново повика на најбрз можен крај на војната со пристоен мир.
„Токму недостигот од безбедносни гаранции за Украина пред 11 години и овозможи на Русија да започне со окупацијата на Крим и војната во Донбас. Тогаш немањето безбедносни гаранции и овозможи на Русија да изврши целосна инвазија, а сега, поради недефинирани безбедносни гаранции, Русија е таа што ја одржува оваа војна во полн ек“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На фронтот продолжуваат борбите и нападите со дронови. Гранатирана Одеса во текот на ноќта.
Маријана Димовска
