Американската наградата за слобода- потврда за позитивните реформи

05.08.2014 14:07

Наградата е чест, но воедно и обврзува да продолжиме со промовирањето на идеите за слобода, демократија и просперитет, изјави претседателот Иванов...

За направените реформи во изминатиов период и проширувањето на дипломатските врски со остварените над 200 билатерални средби со шефови на држави и со 150    премиери и шефови на дипломатии - Фондот за американски студии наградата на  слободата за 2014-та му ја додели на претседателот Иванов на Карловиот универзитет во Прага.

„Претседателот Иванов предводеше политички реформи кои доведоа до подобрување на судскиот систем, промовираа транспарентност и ја намалија корупцијата. Овие политички и економски реформи ја доведоа Македонија поблиску до исполнување на стандардите за пристапување во ЕУ“, рече Вилијам Бил Хибл од Фондот за американски студии.

Наградата е чест, но воедно и обврзува да продолжиме со промовирањето на идеите за слобода, демократија и просперитет, изјави претседателот Иванов.

„Оваа награда не е моја лична, туку е и награда за Република Македонија, бидејќи се препознаени сите реформи, се она што го прави Македонија за да има успешна економија. Сите реформи кои се преземени даваат резултати, а тоа некој го следи и го наградува. Македонија преку оваа награда е позитивен пример во регионот како треба да се спроведуваат реформите во сферата на економијата“, истакна претседателот Иванов. 

Престижниот американски Фонд формиран е во 1967 година и секоја година доделува  награда на истакнати лидери од Источна и Централна Европа за достигнувања во промовирањето на демократските вредности и економската слобода во нивниот регион.

Меѓу досега наградените се  премиерите на Чешка, Шпанија, Србија, како и претседателите на Полска и Србија.

Виолета Димовска