САД воведоа царини од 25% на увозот од Канада и Мексико
Беснее трговската војна. Од денеска во сила, американските царини од 25 насто на увозот од Канада и Мексико, но и двојно зголемените тарифи за кинеска стока. Трудо најави одговор и предупреди на ризик по меѓусебните односи. Потег повлекоа и Мексико и Пекинг...

Светските берзи истуркани на работ, економистите на штрек, трговската војна стартува. Наметнатите американски царини од 25 проценти на увозот од Мексико и од Канада и дополнителните 10 насто за стоките увезени од Кина, официјално почнуваат денеска. За шефот на Белата куќа – царините имаат цел да ги принудат соседните држави да ја засилат борбата против трговијата со опасната дрога фентанил. Ги повика автомобилските компании своите фабрики да ги преместат на територијата на САД.
„Царини 25% за Канада и 25% за Мексико, тоа почнува. Јас би им го кажал ова на луѓето во Канада или Мексико, ако сакаат да градат погони за автомобили, многу е подобро да градат овде, бидејќи ние го имаме пазарот, ние сме пазарот каде што тие продаваат најмногу“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Тарифите ќе го нарушат заемниот успешен трговски однос – предупреди канадскиот премиер Турдо, повикувајќи ја американската администрација да ги преиспита своите одлуки. Истакна дека Отава останува непоколеблива во одбраната на својата економија, бизнисот и работниците. И Канада и Мекиско најавуваат воведување реципрочни мерки кон увозот на стоките од САД.
„Доколку сад решат да ја почнат трговската војна ние сме подготвени. Не го баравме ова, но подготвени сме. Во исто време да го потсетиме претседателот Трамп дека воведувањето царини го поврзуваше со безбедноста на границата, но тоа не е случај со нашата граница“, изјави Мелани Џоли – министерка за надворешни работи на Канада.
„Ќе почекаме и ќе видиме што ќе се случи. Во оваа ситуација ни треба присебност, смиреност и трпение. Имаме план А, Б, Ц, па дури и план Д. Треба да бидеме спокојни“, изјави Клаудија Шеимбаум – претседателка на Мексико.
САД ги прекршија правилата на светската трговска организација – велат од Пекинг. Најавуваат возвраќање на ударот. Од следната недела кина воведува царини за земјоделски производи увезени од Америка и дополнителни давачки од 15 насто за месо и млечни производи.
„САД се склони да го користат проблемот со фентанил како изговор за повторно воведување царини за кинеските производи. Кина постојано го изразуваше своето противење на ова. Контрамерките што ги преземаме се целосно легитимни и неопходни за заштита нашите права и интереси“, изјави Ли Џијан – портпарол на кинеското МНР.
Непосредно пред воведувањето царини, регистриран силен пад на светските берзи. Американски економисти предупредуваат дека во опасност е и американската економија.
Маја Стојанова
