анализа

Нацев: Невозможно е да се заобиколи Америка при какво било европско решение за руско-украинскиот конфликт

04.03.2025 14:23

Комуникацијата со САД се комплицира, но невозможно е да се заобиколи Америка при какво било европско решение за руско-украинскиот конфликт. Ова го вели професорот Александар Нацев. Според него, ситуацијата дополнително ја отежнуваат и разликите во ставовите во рамките на ЕУ.

Ниту едно решение, кои би го понудиле европските лидери не може да помине, а САД да не биде вмешана на директен или индиректен начин, со поддршка или со услови за решавање на руско-украинскиот конфликт – оценува професорот Александар Нацев. Според него условите на Трамповата администрација, кои би можеле да се сфатат како притисок врз официјален Киев сепак се најбрз начин за постигнување на мирот, во спротивно ќе се чека долго пред да се стигне до решение.

„Диктирањето на САД ќе биде многу влијателно дали Киев ќе успее да се одбрани или не. Економската инволвираност на САД во Украина од друга страна би значело дека самото по себе не би толерирало офанзивни руски дејствија врз територии на кој САД има интерес и каде што веќе работи на обновување на инфраструктура, урбанистички планови и секако користењето на овие минерали“, изјави Нацев.

Ниту технички, ниту политички Европа не може да издржи без поддршката на САД. Новите планови за зајакнување на одбранбена индустрија и зголемување на воените капацитети нема да бидат доволни за надминување на јазот по привременото повлекување американската помош, смета Нацев. Ситуацијата дополнително ја отежнува и разликите во ставовите во рамките на ЕУ.

„Мислам дека не може ниту технички ниту политички ни геополитички, а и во самата ЕУ имаме 5 до 6 држави кои се многу драстични различни во размислувањата од Франција и Германија кои самите поднесоа резолуција, имаме повикување од Словачка, Унгарија и други кои сериозно размислуваат за намалување на она што го инвестираат во Украина“, изјави Нацев.

За Украина ќе биде најдобро што поскоро да ги надмине недоразбирањата со Белата куќа – оценува Нацев.

 

Марина Стојанова-Тонева