Реакции по одлуката на Вашингтон за прекин на воената помош за Украина
САД ја прекинуваат воената помош за Украина, Европа со план за вооружување. Се нижат реакции по одлуката на Вашингтон. Кремљ задоволен-потегот на Трамп може да го турне режимот на Киев кон мировен процес. Зеленски бара најбрз можен крај на војната со пристоен мир …

ЕУ ќе гради сопствен безбедносен капацитет во вредност од 800 милијарди евра, од кои 150 наменети за национални заеми. Вооружувањето на Европа е комбинирано со воена помош на Украина. Ова е реакција на одлуката на Вашингтон за прекин на воената помош за Киев. Брисел останува посветен на соработката со НАТО партнерите.
„Вистинското прашање пред нас е дали Европа е подготвена да дејствува толку решително како што налага ситуацијата и дали Европа е подготвена и способна да дејствува со брзина и со потребната амбиција“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Сè уште не стивна непријатната атмосфера од Овалната соба, Трамп веќе со нови обвинувања до Зеленски. Тврди дека тој не сака мир.
„За танго се потребни двајца и ќе треба да склучите договор со Русија и ќе треба да склучите договор и со Украина. Ќе треба да имате согласност од европските нации, бидејќи мислам дека тоа е важно. Можеби некој не сака да се договори. И ако некој не сака да склучи договор, мислам дека таа личност нема да биде многу долго во близина“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Полска, актуелниот претседавач со Унијата реагира на одлуката на Трамп истакнувајќи дека останува доследен партнер во поддршката за Киев.
„Оваа одлука е многу важна во ова сериозно време. Направена е без консултации ниту со НАТО сојузниците, ниту со Рамштајн групата за поддршка на Украина“, изјави Павел Вронски, министер за надворешни работи на Полска.
За Кремљ застојот во испораката на оружје за Украина е предуслов за мировен договор. Киев тврди-ние сме за мир, но не и за смирување со агресорот.
„Се разбира, деталите допрва треба да се расчистат. Но, ако ова е вистина, тогаш ова е одлука што навистина може да го турне режимот во Киев кон мировен процес“, изјави Дмитриј Песков, портпарол ан Кремљ.
„Не смееме да заборавиме дека Путин е опседнат со уништување на Украина и затоа му треба каков и да е мир. Ова е опасно навраќање на состојбата од Минхен во 1938-та година“, изјави Олександр Мережко, шеф на Комитетот за надворешни работи во украинскиот парламент.
Зеленски одново повика на најбрз можен крај на војната со пристоен мир.
„Токму недостигот од безбедносни гаранции за Украина пред 11 години и овозможи на Русија да започне со окупацијата на Крим и војната во Донбас. И овозможи на Русија да изврши целосна инвазија, а сега, поради недефинирани безбедносни гаранции, Русија е таа што ја одржува оваа војна во полн ек“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На фронтот продолжуваат борбите и нападите со дронови. Гранатирана Одеса во текот на ноќта.
Бојана Крстевски
