Македонија

Течат законските рокови, предлогот за разрешување на Коцевски стигна во Советот на јавни обвинители

04.03.2025 16:38

Откако Владата пред неколку недели одлучи дека е потребна негова смена и ја почна постапката, конечно до Советот пристигна предлогот што го подготви Министерството за правда...

Наредните денови, Советот на јавните обвинители ќе му го испорача предлогот за разрешување на државниот обвинител Коцевски за да може да се произнесе. Откако Владата пред неколку недели одлучи дека е потребна негова смена и ја почна постапката, конечно до Советот пристигна предлогот што го подготви Министерството за правда.

„Предлогот за разрешување на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија изутрината пристигна во Советот на јавните обвинители. Ќе го разгледаме со колегите и во наредните денови ќе го доставиме до обвинителот за да може да се произнесе. Советот за овој случај ќе постапи согласно законот и роковите“ – изјави за МТВ претседателката на највисокото обвинителско тело Душица Димитриеска.

Со приемот на документот, течат законските рокови од 15 дена во кои Советот треба да даде позитивно или негативно мислење. Ако не го стори тоа, рокот се продолжува за уште толку, а ако и тогаш нема одговор, ќе се смета дека Советот не го поддржува предлогот на Владата.

Мислењето од Советот на јавните обвинители не е обврзувачко за Владата која може да побара од Собранието да го разреши Коцевски. Но, од друга страна за да именува обвинител на негово место, до Собранието треба да предложи кандидат кој претходно добил зелено светло од Советот.

Пред седницата за разрешувањето на Коцевски, Собранието ќе расправа и за одговорност на петмината членови на Судскиот совет, за кои се поднесени интерпелации. Според најавите, седницата ќе се одржи на 11 март.

Анита Димитријевска – Велковска