Унгарска поддршка за европските интеграции

Орбан: Зачленувањето на Македонија во ЕУ оди бавно, за тоа не е одговорна земјата туку ЕУ

04.03.2025 15:05

Срамно е што процесот на зачленување на Македонија оди бавно, вината е во членките на Унијата-изјави унгарскиот премиерот Орбан по средбата со Мицкоски. Шефот на македонската влада дециден-плативме огромна цена, а тапкаме во место…

Процесот на зачленување на Македонија во Европската унија трае предолго, но за тоа не е одговорна Македонија, туку членките на Европската унија, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, по одржаната заедничка меѓувладина седница.

„Го сметам за срамно тоа што го прави Европската унија. Тоа што можеме ние да го направиме како членка на Европската унија е што потесно да соработуваме со Северна Македонија во економијата, трговијата, политиката, културата, полициската соработка. Ова не е замена за интеграцијата, или утешна наградата. Ние го поддржуваме зачленувањето на Северна Македонија. Европската унија мора да ја подобри конкурентноста и не гледам друго решение за подобрување на конкурентноста од проширувањето“, нагласи премиерот на Унгарија, Виктор Орбан.

Нашата стратешка цел како држава да бидеме дел од европското семејство, нешто што го заслуживме многу одамна била, е и ќе остане наша стратешка цел, истакна премиерот Христијан Мицкоски на прес-конференцијата во Будимпешта. Мицкоски констатира дека иако плативме огромна цена, сè уште тапкаме во место.

„Направивме многу, нешто коешто значеше штета на македонскиот идентитет, но мора да останеме оптимисти и во иднина да ја реализираме таа наша цел, иако сме свесни дека тука има и малку домашна вина, бидејќи нашите корумпирани домашни политичари, мислејќи дека Брисел ќе им ја заборави корупцијата и криминалот дома и уништувањето на државата со тоа што ќе потпишуваат и прифаќаат сè што ќе им биде ставено на маса влегуваа во таков занес и ја влошуваа преговарачката позиција. Оваа влада нема намера да прави компромиси со таков тип прашања“, нагласи премиерот Мицкоски.

Во однос на билатералните односи, трговската размена меѓу двете земји постојано расте и од 2010 година досега е седум пати зголемена. Најавено е и потпишување на меѓувладина економска спогодба. Двајцата премиери разговарале и за миграцијата, а од страна на унгарскиот премиер биле поздравени напорите на Македонија за чување на границата.

И Мицкоски и Орбан ги коментираа геополитичките случувања и тектонските промени кои ги предизвика враќањето на Трамп во Белата куќа.