Секој трет човек во земјава има прекумерна тежина, докторите со апел навреме да се побара помош
Најтешкиот пациент кој побарал помош во центрите за прекумерна тежина тежел 288 килограми. На Светскиот ден на дебелината, апел навреме да се побара помош…
Најтешкиот пациент кој побарал лекарска помош во центрите за обезност има 288 килограми. Секој трет човек во земјава има прекумерна тежина. Дебелината станува здравствен проблем.
„Доколку не се превенира, односно доколку не се третира, може да доведе до сериозни последици, до смртност, до инвалидитет“, изјави д-р Ирфан Ахмети – Здружение за обезност – Обем.
Од идниот месец на Клиниката за дигестивна хирургија ќе се изведуваат операции за намалување на обезноста на пациенти, кај кои терапијата не дала резултат. Годинава има буџет за 40 интервенции на државна сметка.
„Двајца наши хирурзи беа во Малта на обука, имаме соработка со Центарот за минимална инвазивна хирургија во Ниш. Првите интервенции ќе бидат, вака пластично кажано, со странска рака. Не дека ние го немаме искуството, вакви интервенции се правени претходно, со тоа што сега ќе биде стандардизирање на процедурите“, изјави д-р Огнен Костовски – Клиника за дигестивна хирургија.
За една година околу 3.500 пациенти побарале лекарска помош во центрите за дебелина. Но, потребно е да се отворат и нови.
„Има случаи кога не можеме да постигнеме да ги прегледаме пациентите и не можат да земат упат за нашата клиника“, вели д-р Танер Хасан, директор на Клиниката за ендокринологија.
Расте трендот на зголемена телесна тежина кај децата од школска возраст.
„Мораме да направиме исчекор во забрана на употреба на ’џанк храна‘ во училишните згради и во училишните дворови. Тоа се шеќерни производи, чипс и газирани производи со многу шеќер“, смета Сашо Клековски – директор на ФЗОМ.
„Ќе има третман за пациенти коишто се со дијабет и со обезност, коишто се третираат со специфична терапија. Оваа година таа бројка ќе порасне за 200 пациенти повеќе“, најави министерот за здравство, Арбен Таравари.
Ендокринолозите предупредуваат дебелината доведува до дијабетес, срцеви и мозочни заболувања, карцином.
Физичка активност го намалува ризикот од зголемување на телесната тежина. Светската здравствена организација препорачува секојдневно пешачење од половина час.
Андријана Ѓурческа
