Регион

Хаос во српскиот Парламент, повредени пратеници

04.03.2025 15:47

Тепачка меѓу власта и опозицијата, јајца, факели, шок бомби – хаос во српскиот Парламент. Во нередите повредени тројца пратенички. Едната доживеа мозочен удар и се бори за живот...

По усвојувањето на дневниот ред во Собранието од 62 точки, меѓу кои и барањето на студентите за студентскиот стандард и констатирањето оставка на премиерот Вучевиќ, дојде до физичка пресметка, димни бомби, солзавец, запалени факели од опозицијата со поддршка на студентите и со транспарентите „Србија стана за да падне режимот“ и „Генерален штрајк“.

Освен факели, беа фрлени и шишиња со вода и цели картони со јајца, а дел од пратениците употребија и бибер спреј.

„Со методи на Курти со солзавец и шок бомби повредивте три жени. Пратеничката Јасмина Каранац е со тешки повреди на главата од шок бомба, пратеничката Јасмина Обрадовиќ доживеа мозочен удар и се борат за нејзиниот живот, а повредена е и Соња Илиќ која е во осмиот месец на бременост“, изјави Ана Брнабиќ – претседател на Собранието на Р. Србија.

И додека пратеничката Обрадовиќ се бори за живот, собраниската седница продолжи и покрај вревата од вувузели, свирежи и повторните инциденти и запалени факели. Дел од опозицијата предложи да се расправа само за студентските барања, да се изгласа оставка на премерот Вучевиќ и формирање на преодна влада. Пратеникот на СНС Миленко Јованов ја обвини опозицијата дека сака да предизвика граѓанска војна.

На Собранието беше фрлано со јајца од насобраните граѓаните, а од Обвинителството порачаа да истражуваат кој донел и употребил пиротехнички средства во Собранието и дека имунитетот не ги штити пратениците од кривично гонење.

Седницата на Собранието сè уште трае.

 

Од Белград за МТВ-Оливер Бранковиќ