Свет

Трамп и Зеленски го обновуваат дијалогот

05.03.2025 08:04

Еден ден откако Белата куќа донесе одлука за паузирање на помошта за Украина, американскиот и украинскиот претседател Трамп и Зеленски го обновуваат дијалогот. И двајцата согласни дека е потребно ставање крај на тригодишната војна во Украина. Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен објави план вреден 800 милијарди долари за вооружување на Европа…

Американскиот претседател Трамп во обраќањето на заедничката седница на Конгресот рече дека има сериозни разговори со Русија и добива силни сигнали дека се подготвени за мир во Украина.

„Време е да престанеме со ова лудило. Време е да се запре убиството. Време е да се стави крај на оваа бесмислена војна. Ако сакате да ставите крај на војните, треба да разговарате со двете страни“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во обид да ги поправи недоразбирањата со Вашингтон откако шефот на Белата Куќа ненадејно го прекина снабдувањето со воена помош, Зеленски соопшти дека е подготвен да седне на преговарачка маса за ставање крај на војната во Украина. Потенцира дека ќе работи конструктивно под водството на Трамп и оти сака да потпише договор што ќе им овозможи на САД пристап до рудното богатство на Украина.

„Бараме конструктивна соработка. Односи засновани на партнерство. Можеме само да жалиме што се случи во Белата куќа наместо преговори. Но, ние мора да најдеме сила да одиме напред, да се почитуваме еден со друг, исто како што отсекогаш ги почитувавме Америка, Европа и сите наши партнери. Да направиме се заедно за да го доближиме мирот“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Одлуката на Зеленски ја поздрави францускиот претседател Макрон. Претходно, европските сојузници на Украина ја потврдија својата поддршка за Киев. ЕК објави план за вооружување на Европа со 800 милијарди долари.

„Вистинското прашање пред нас е дали Европа е подготвена да дејствува толку решително како што налага ситуацијата и дали Европа е подготвена и способна да дејствува брзо и со потребната амбиција“, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

ЕУ ќе гради сопствен безбедносен капацитет во вредност од 800 милијарди евра, од кои 150 наменети за национални заеми. Вооружувањето на Европа е комбинирано со воена помош на Украина. Брисел останува посветен на соработката со НАТО-партнерите.

Маријана Димовска