Скопјани бараат спас од високите температури

05.08.2014 14:32

За да се избегнат температурите над триесетиот степен, граѓаните бараат различни начини да се разладат...

Врие асфалтот во Скопје. Високите летни температури знаат да бидат неподносливи и да влијаат на здравјето. За да се избегнат температурите над триесетиот степен, граѓаните бараат различни начини да се разладат. Летната атракција аква паркот, уште од раните утрински часови се полни со домашни и странски посетители. Таму августовските горештини полесно се поднесуваат. Мрзливата река, тобоганите и базенот со бранови ги мамат најмладите да дојдат во скопскиот аква парк.

„Многу е убаво тука... Најзабавно е на оваа банана... Поопасните како што е...адреналинот...Воопшто не ми е страв да се пуштам по тобоганот...Доаѓам често, еднаш неделно...“, велат посетителите кои ги затекнавме во Аква Паркот.

Пријатна клима и свежина во воздухот не затекоа на кањонот Матка. Дивината на ова место ја прави атрактивна за посетителите.

Тука на Матка, температурата е пониска за неколку степени од центарот на градот. Денеска голем број наши, но и на странски туристи го најдоа спасот од жешкото време.

Автобуси со посетители пристигаа за да се сладат на недопрената природа, пештерите, чистиот воздух и пријатната клима.. Фотографираа, шетаа, се разладуваа. Некои од нив првпат, некои редовни гости.

„Луѓето се прекрасни, се е прекрасно, многу ми се допаѓа... Одамна не сме биле, порано доаѓавме 2, 3 пати месечно...Денеска дојдов случајно. Инаку од Охрид сме...“, велат граѓаните кои ги сретнавме на Матка.

Ова се само две од можностите што им стојат на располагање на оние кои се уште не заминале на летен одмор, или пак не можат да ги поднесат високите температури во метрополата. Места каде што може да се разладат, одморат и да се забавуваат.

Александра Перевска