Трамп: Европа потроши повеќе пари за купување руска нафта и гас, отколку што потроши за одбрана на Киев
Еден ден откако Белата куќа донесе одлука за паузирање на помошта за Украина, американскиот и украинскиот претседател Трамп и Зеленски го обновуваат дијалогот. И двајцата согласни дека е потребно ставање крај на тригодишната војна во Украина…

Европа за жал потроши повеќе пари за купување руска нафта и гас отколку што потроши за одбрана на Киев, обвини американскиот претседател во обраќањето на заедничката седница на Конгресот. Неуморно работам за ставање крај на конфликтот во Украина, имаме сериозни разговори со Русија и добиваме силни сигнали дека се подготвени за мир, вели шефот на Белата Куќа. Во истовреме го поздрави писмото од Зеленски во кое украинскиот претседател истакнува дека е подготвен за преговори.
„Време е да престанеме со ова лудило. Време е да се запре убиството. Време е да се стави крај на оваа бесмислена војна. Ако сакате да ставите крај на војните, треба да разговарате со двете страни“, нагласи американскиот претседател Доналд Трамп.
Во обид да ги поправи недоразбирањата со Вашингтон откако шефот на Белата Куќа ненадејно го паузира снабдувањето со воена помош, Зеленски и во видеопорака соопшти дека е подготвен да седне на преговарачка маса.
„Бараме конструктивна соработка. Односи засновани на партнерство. Можеме само да жалиме што се случи во Белата куќа наместо преговори. Но, ние мора да најдеме сила да одиме напред, да се почитуваме еден со друг, исто како што отсекогаш ги почитувавме Америка, Европа и сите наши партнери. Да направиме се заедно за да го доближиме мирот“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Одлуката на Зеленски ја поздрави францускиот претседател Макрон. Сепак од француската влада со осуда за потегот на Трамп да ја паузира поддршката за Украина. Полскиот претседател вели дека мирот може да се одбрани само ако е поддржан од вистинската сила способна да го одврати потенцијалниот агресор.
„Нашата одговорност како Европска унија, како земји пријатели на Украина е да можеме што е можно побрзо и ефективно да ги замениме испораките од САД, за Украина да не биде принудена да попушти“, рече Франсоа Бајру, премиер на Франција.
„Се надевам дека процесот на будење од геополитичката дремка, колку и да е болно, ќе биде брз и дека Европа ќе преземе поголема одговорност за својата безбедност во соработка со докажаните сојузници“, изјави Анджеј Дуда, претседател на Полска.
Европската комисија објави план за вооружување на Европа. ЕУ ќе гради сопствен безбедносен капацитет во вредност од 800 милијарди евра, од кои 150 наменети за национални заеми. Брисел потенцира дека останува посветен на соработката со НАТО-партнерите.
Маријана Димовска
