Украина

Трамп: Неуморно работам за ставање крај на конфликтот во Украина

05.03.2025 15:41

По една недела затегнати односи, Вашингтон и Киев ја смируваат топката. Трамп задоволен од писмото на Зеленски со кое уверува дека е подготвен за преговори и потпишување на договорот за минерали. Од Москва одново потенцираат дека Киев со закон си забрани преговори со Русија. Европски лидери уверуваат дека е важно да се зачува суверенитет и територијален интегритет на Украина.

Неуморно работам за ставање крај на конфликтот во Украина, имаме сериозни разговори со Русија и добиваме силни сигнали дека се подготвени за мир, вели шефот на Белата Куќа. Го поздрави писмото од Зеленски во кое изразува спремност за преговори и за потпишување на договорот за минерали.

„Време е да престанеме со ова лудило. Време е да се запре убиството. Време е да се стави крај на оваа бесмислена војна. Ако сакате да ставите крај на војните, треба да разговарате со двете страни“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во обид да ги поправи недоразбирањата со Вашингтон, Зеленски потврди дека е подготвен да седне на преговарачка маса.

„Бараме конструктивна соработка. Односи засновани на партнерство. Можеме само да жалиме што се случи во Белата куќа наместо преговори. Но, ние мора да најдеме сила да одиме напред, да се почитуваме еден со друг, исто како што отсекогаш ги почитувавме Америка, Европа и сите наши партнери“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Од украинската влада велат дека е важно каков сигнал ќе испрати и руската страна.

„Ако се вели дека за танго се потребни двајца, тогаш треба да видиме дека постои подеднаква посветеност на руската страна, на пример, за прекин на огнот доколку се постигне таков“, изјави Јуриј Сак, советник на министерот за стратешки индустрии на Украина.

Од Кремљ одново потенцираат дека Киев со закон си забрани преговори со Москва.

„Засега, на украинскиот претседател сè уште му е законски забрането да преговара со руската страна. Генерално, пристапот е позитивен, но деталите сè уште не се променети“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Одлуката на Зеленски за смирување на топката ја поздрави францускиот претседател Макрон. Поголемиот дел европски лидери велат дека се важни мировните преговори, а Украина има право на суверенитет и територијален интегритет.

 

Маријана Димовска