САД

Трамп се обрати пред Конгресот

05.03.2025 12:30

Почнува златното време на Америка. Ова е мотото под кое американскиот претседател се обрати на Капитол Хил во Вашингтон. Конгресот поделен, овации на републиканците, транспаренти на демократите, еден од нив отстранет од салата. Шефот на Белата куќа не се откажува од Гренланд, американска компанија преку странски фирми купува акции на Панамскиот канал. Трамп не заборави да го нагласи американскиот предизвик со мигрантите, но вети и дека за време на неговиот мандат ќе го постави знамето со лентите и 50-те ѕвезди на Марс …

Америка се враќа на сцената, порака која провејуваше говорот на шефот на Белата куќа.

„Мои браќа Американци, подгответе се за неверојатна иднина, златното доба на Америка се враќа. Ќе биде како што не било досега“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Повтори дека ќе го реши засекогаш незаобиколното прашање со имиграцијата. Не се откажува од идејата набрзо да протера еден милион незаконски доселеници.

„Ако навистина се грижиме за заштитата на американските деца, нема поклучен чекор од обезбедувањето граници. Во последниве четири години 21 милион луѓе влегоа нелегално во САД. Повеќето се убијци, трговци со луѓе. Членови на банди“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Со најновата технологија сме подготвени да ја направиме противракетната одбрана златна купола по урнекот на израелската челична. Трамп побара од Конгресот да обезбеди средства за проектот. Не ги изостави ниту плановите за Гренланд и за Панамскиот канал. Теснецот веќе се купува преку странски фирми од Океанија.

„Неверојатни луѓе од Гренланд, вие ќе си ја одредите иднината. Добредојдени сте во Америка. Неопходни сте за светската безбедност. На кој било начин ќе ве придобиеме“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во четириесетминутниот говор ги бранеше указите со тарифите за Мексико и Канада, најави и формирање фонд за преобразба на Газа, но не ги спомна Палестинците. Обраќањето не помина без реакции, демократите носеа транспаренти на кои беше забележителен насловот „Лаги“. Конгресменот Ал Грин беше отстранет поради прекинување на говорот, демократите го обвинија за грабеж.

„Мораме да го спречиме укинувањето на медицинската заштита, има сиромашни кои немаат друг начин да се лекуваат“, изјави Ал Грин, конгресмен.

„Трамп ќе им испорача неспоредлив подарок на милијардерите. Сега е во лов на трилиони долари кои ќе им ги префрли на најбогатите во Америка“, изјави Елиса Слоткин, сенаторка од Мичиген.

„Ќе го предводиме човештвото во вселената и ќе го поставиме американското знаме на Марс“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Ја пофали и ефикасноста на Маск во намалувањето на прегломазната администрација. Оттаму веќе се пофалија со продажбата на зградата на Министерството за правда, но и на американската икона ФБИ.

 

Зоран Богатинов