Ново рочиште за двојното убиство, одбраната ги презентираше доказите на Палевски
Во Кривичен суд продолжи судењето за убиствата на младата Вања и велешанецот Панче. Одбраната ги презентираше доказите на првообвинетиот Палевски...

Со прикажување уплатница од банка, одбраната се обиде на првообвинетиот за двојното убиство на Вања и Панче, Љупчо Палевски-Палчо, да му даде алиби за критичниот ден. Оттаму побараа запис од видеокамери за да се утврди дека меѓу 10 и 12 часот на 27-ми ноември 2023-та Палевски влегол во банката. Реагираа дека немало податоци од базни станици за, како што рекоа, да се покаже оти Палевски не бил на местото на убиството.
Обвинителката во приговор посочи дека уплатницата не е од интерес, зашто Палевски на критичниот ден во 10 часот веќе се вратил во седиштето на партијата „Десна“, што се гледа од камерите на „Сејф сити“. Адвокатите на Палевски за сведок повикаа полицаец од СВР – Велес, кој потврди дека од домот на обвинетиот Боро Видевски одзеле пушка, муниција, дозволи за оружје, но не и пиштол калибар 9 милиметри, со каков било извршено убиството.
Судењето продолжува со изведување докази на одбраната. За двојното убиство обвинети се петмина, четворица како директни извршители и таткото на Вања за помагање.
Ирина Гелевска
