Превирања во Обвинителството

Хајрулахи му поднесе кривична пријава на Коцевски и на уште тројца негови колеги

05.03.2025 16:05

Нови превирања во Обвинителството. Вишиот скопски обвинител Мустафа Хајрулахи им поднесе кривична на републичкиот, Љупчо Коцевски и на уште тројца негови колеги. Обвини дека ја злоупотребиле службената положба при постапката што е покрената против него и која резултираше со суспензија на Хајрулахи од функцијата. Обвинителството ја чека пријавата, Коцевски тврди – во случајот Хајрулахи, сè е чисто...

Вишиот скопски обвинител Мустафа Хајрулахи поднесе кривична пријава против државниот обвинител Љупчо Коцевски. Смета дека првиот човек во Oбвинителството ја злоупотребил службената положба, а со пријавата се опфатени и штипските обвинители Татјана Кацарова и Ристо Бојаџиски како и членот на Советот – Ермон Незири.

Станува збор за случајот што го води штипското обвинителство, а во кој Хајрулахи е осомничен за малтретирање во вршење на службата. Тој за МТВ појаснува дека неговите колеги иако требале, не го примениле поблагиот закон, според кој за ова кривично дело не се води истрага. Хајрулахи се сомнева оти ова е намерно направено, за да се отвори кривична постапка која може да се искористи како изговор за негова суспензија.

Од Обвинителството за МТВ велат дека пријавата кај нив не е стигната, а кога ќе стигне ќе биде распоредена за постапување кај надлежен обвинител.

„Постапката против осомничениот се постапува целосно согласно закон, а истрагата е во финална фаза. Надлежниот јавен обвинител не подлегнува на притисоци и испрати покана до осомничениот тој да даде исказ во своја одбрана, меѓутоа поканата е вратена со забелешка дека тој се иселил од адресата наведена за лицето во полномошното и во системот на МВР“, велат од штипското обвинителство за МТВ.

Инаку, на барање на Владата за државниот обвинител е почната постапка за разрешување. Предлогот за разрешување е доставен во Советот на јавните обвинители.

Анита Димитријевска – Велковска