За еден месец угостителските услуги поскапи за над 20%
Угостителите ги поскапеа услугите, поради зголемени трошоци и материјали. Велат дека за само еден месец бележат раст на цените за 20 до 30%.

Да се седне во кафеана да се руча или да се испие кафе сè повеќе станува луксуз, барем за голем дел од граѓаните. Угостителите ги поскапеа услугите, поради зголемени трошоци и материјали. Велат дека за само еден месец бележат раст на цените за 20 до 30%.
Услугите поскапуваат и поради немање доволно кадар. Најмногу недостиг се чувствува во летниот период, кога заминуваат во соседните земји.
Растот на цените во угостителството го потврди и Државниот завод за статистика. Најмногу поскапеле безалкохолните пијалаци и ноќевањата.
Угостителските услуги за периодот јануари – февруари 2025 година, во однос на истиот период од минатата година, се поскапени за 5,9%. Во февруари годинава, во однос на истиот месец лани, цените се зголемени за 6,0%“, пресмета Државниот завод за статистика.
И додека кафето станува луксуз во Македонија, работниците на големо ги пакуваат куферите за во странство.
Хрватска, Црна Гора и Словенија и годинава се најпопуларните дестинации каде се бара сезонска работа и чиста заработувачка. Таму келнерите и готвачите за еден месец можат да заработат и до 3.000 евра, пари кои во Македонија можат да ги сонуваат.
Борис Грујоски
