Картел во осигурителниот бизнис, 10 компании договарале повисоки цени
Наместо да си конкурираат, 10 компании се договориле да ја зголемат цената на премијата за автоодговорност. Антимонополската комисија отвори јавен сомнеж за постоење картел во осигурителниот бизнис. Има и докази кои упатуваат на тоа…

Осигурителни компании се здружувале, заеднички ја креирале политиката за повисоки цени на услугите на штета на граѓаните и стопанството. Антимонополската комисија потврди, започната е постапка против 10 правни субјекти од овој бизнис, постои сомневање дека картелски усогласено работеле.
„Десетте осигурителни компании кои вршат услуги од областа на осигурувањето на територијата на Македонија во април 2024 година преку усогласено однесување ја замениле состојбата на непречена конкуренција на релевантниот пазар со состојба на практична соработка помеѓу претпријатијата, чија цел е нарушување на конкуренцијата, преку зголемување на продажната цена на премијата/процентот за вршење на дејноста на осигурување (режиски додаток), што е дел од премијата за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица и задолжително се плаќа при регистрацијата на моторни возила“-велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.
Од Комисијата за заштита на конкуренцијата, велат дека до 10-те осигурителни компании е испратено прелиминарно известување во кое се наведува што е најдено при низата увиди во службените простории на осигурителните компании, вклучително и увиди во нивната меѓусебна комуникација.
Доколку по завршување на прекршочната постапка сепак се утврди постоење на ваков прекршок, овие десет компании ќе бидат казнети. Законски, по конечното решение може да се жалат до Управен суд.
Граѓаните со поделени мислење за висината на цените на услугите на осигурителните компании, особено во делот на премијата за автоодговорност.
Инаку, здружувањето доаѓа откако минатата година во април Комисијата за осигурување при Министерството за финансии одлучи да се укине поскапувањето на полисите за автоодговорност, по што компаниите изразија разочарување со став дека пристрасни се тврдењата и непрофесионални квалификациите во анализите од регулаторот АСО, за неоправданост за зголемување на цените.
Марина Стојанова-Тонева
