Се подготвува нова средба меѓу Вашингтон и Киев
Дипломатските напори доаѓаат во момент кога САД ја прекинаа воената и разузнавачка помош за Украина исклучувајќи ја од системот за известување за напади...

По неуспешниот обид во Белата куќа, се подготвува нова средба меѓу Вашингтон и Киев. Украинските и американските тимови почнаа да работат за претстојниот состанок-потврди Зеленски. Дипломатските напори доаѓаат во момент кога САД ја прекинаа воената и разузнавачка помош за Украина исклучувајќи ја од системот за известување за напади.
„Украинските и американските тимови почнаа да работат на претстојниот состанок. Јермак и Валц имаа разговори, а следната недела веќе се надеваме дека ќе го видиме првиот резултат“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
За Кремљ ова е позитивен сигнал, но и натаму стои на ставот дека постојат правни и политички пречки. Истовремено Путин објави дека е завршено издавањето руски пасоши на жителите од четирите украински региони контролирани од Москва.
„Се што правиме и на фронтот и овде треба да ја следи истата логика-да победиме, да ја обезбедиме безбедноста на државата и иднината на Русија. Го завршивме издавањето пасоши на жителите на ослободените региони Доњецк, Луганск, Керсон и Запорожје“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
