Пуштен за сообраќај мостот „Гемиџии“
Култниот мост „Гемиџии“ во Велес од денеска повторно во сообраќај. Неговата реконструкција, прва по изградбата пред 44 години е финансирана од претпријатието за државни патишта со 500 илјади евра. За велешани мостот е главниот сообраќаен крвоток.
25 дена порано од предвиденото заврши реконструкцијата на коловозот на мостот Гемиџии во Велес. Сообраќајот во центарот на градот е нормализиран, иако градежните работи и понатаму продолжуваат.
„Во периодот кој престои треба да се извади и заштити оградата и други активности кои се во горниот дел но тоа секако нема да смета на сообраќајот. Останува за работа во долниот слој на мостот, тоа се пескарење на бетонска конструкција и други активности кои се согласно проектот“, рече Љупчо Георгиевски, директор на ЈП за Државни патишта.
За шест месеци интензивно работење градежните работници успејаа да го соголат до носивост мостот кој е долг 170 метри и широк 11,3 метри, со бетон и арматура зајакнувајки ги оштетените места да ја зголемат стабилноста и горниот дел да го асфалтираат. За велешани пуштањето во употреба овој сообраќаен крвоток на градот е од големо значење.
„Проблеми имаше со возилата многу се чекаше доле со саати чекавме, сега ќе се растерети малку.“
„Нема да вртиме гужвата одоздола ќе се растерети.“
„Сообраќајот е сега баш добро инаку беше многу неубаво се одеше низ градот се беше заглавено, сега е добро“, велат анкетираните велешани.
Мостот Гемиџии, или како што меѓу велешани е познат како Нов мост е изграден пред 44 години. Ова е негова прва сериозна реконструкција .
Комплетната реконструкција на мостот Гемиџии треба да заврши до крајот на оваа година, според плановите ќе се потрошат околу 500 илјади евра, средства на ЈП за Државни патишта.
Дијана Иванова
