Штипска психијатрија работи во несоодветни просторни услови
Шестмина психијатри, четири сестри и еден болничар е кадарот во единственото болничко Одделение за психијатрија во источниот регион. Има капацитет за 12 пациенти со полесна дијагноза. Штипска психијатрија ги нема основните услови за работа и лекување на пациентите. Во план е формирање на регионален психијатриски центар во Штип...

Во крајно ограничени и несоодветни просторни услови, во поранешниот ТБЦ диспанзер во Штип со години работи психијатрискиот оддел на штипската болница. Овде се носат итните пациенти од целиот регион, но се лекуваат само оние со полесна дијагноза. Потешките се упатуваат во Психијатриската болница во Негорци.
На психијатрија дневно се вршат околу дваесет прегледи. Лекари има доволно, шестмина специјалисти, но недостигаат сестри и обезбедување. Има само четири сестри, постојано обезбедување нема. Директорот на штипската болница очекува Министерството за здравство да одобри нови вработувања во неколку болнички оддели, меѓу кои и на психијатрија. Се работи на реорганизација на ова одделение кое треба да прерасне во регионален психијатриски центар за источниот регион.
На Одделот за психијатрија работи и Центарот за метадонска терапија, каде една медицинска сестра опслужува 100 пациенти.
Славица Величковска
