Поддршката за Украина и европската одбрана во фокус на специјалниот ЕУ самит
„Влегуваме во нова ера. Нашата генерација нема да може да живее само од дивидендите на мирот. Наше е да го посееме семето за иднината“-со ваква драматична видеопорака се обрати францускиот претседател, Емануел Макрон, пред почетокот на набрзина свиканиот ЕУ самит во Брисел денеска. Ќе се разговара за зголемување на трошоците за одбрана и да им се дозволи на европските земји да купуваат оружје и муниција од европските производители. Но, тој предлага формирање на нов „нуклеарен чадор“ над Европа. Ваквата изјава Лавров ја протолкува како закана кон Русија…

Историска пресвртница. Поддршката за Украина и европската одбрана-фокус на специјалниот самит на ЕУ во Брисел на кој учествува и Зеленски. Се договараат финансиската конструкција и обезбедувањето средства за безбедноста на Стариот континент откако САД кажаа дека тие се сами одговорни за себе и ја укинаа воената помош за Киев.
„Денеска за Советот е многу важен ден, да се изгради Европската безбедност. Ќе донесеме одлуки и ќе ги реализираме. Безбедноста и одбраната не Европа не се раздвоени со украинските. Драг Володимир и натаму продолжуваме со тебе во мировните договори кога вие ќе решите. И најважно во иднина како членка на Европската унија“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот Совет.
„Ова е пресвртница за Европа, Украина е дел од европскот семејство. Европа се соочува со јасна и актуелна опасност и затоа и ЕУ и Украина да се заштитат. Ќе го претставам пред ЕУ лидерите планот за повторно вооружување во вредност од 800 милијарди евра. Тоа ќе значи и вооружување на Украина“, нагласи Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Зеленски: Знаеме дека не сме сами
„Ова не се само зборови, знаеме дека не сме сами. Ова е силен сигнал за Украина и Украинците. Сигнал за зголемување на нашето производство на оружје и за зголемување на европската безбедност“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Париз е отворен за проширување на францускиот нуклеарен чадор со европските партнери-порача Макрон пред состанокот. Најголемиот предизвик за ЕУ е изнаоѓање обединет став и едногласна поддршка откако Унгарија побара да не биде спомната во никакви писмени заклучоци од самитот.
Во истовреме, по неуспешниот обид во Белата куќа, продолжува и дипломатијата на релација Вашингтон-Киев, најверојатно во наредната недела. За Полска-ова е надеж дека мирот е остварлив.
Разговорите на релација Вашингтон-Киев надеж дека мирот е остварлив
„Враќањето на разговорите меѓу Украина и САД дава надеж, можност да се постигне фер мир. Ги поддржуваме трансатлантските односи, зголемените европски капацитети, се што е потребно за да се направи масата на разговорите место на дијалог, разбирање и барање најдобро решение“, изјави Владислав Косињак-Камиш, вицепремиер и министер за одбрана на Полска.
За Кремљ ова е позитивен сигнал, но и натаму стои на ставот дека постојат пречки додека Путин ги остварува зацртаните цели.
„Сè што правиме и на фронтот и овде треба да ја следи истата логика – да победиме, да ја обезбедиме безбедноста на државата и иднината на Русија. Го завршивме издавањето пасоши на жителите на ослободените региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје“, изјави рускиот претседател Владимир Путин.
Вашингтон веќе не ги споделува военоразузнавачките информации со Киев. Франција следната недела е домаќин на состанокот на началниците на генералштабовите на оружените сили на европските земји.
Бојана Крстевски
