Олимпијада

Специјална олимпијада на Македонија во приоритетите на Министерството за спорт

06.03.2025 13:33

Борко Ристовски денеска во Министерството за спорт организираше прием за македонските атлети и за делегацијата од Специјална Олимпијада на Македонија пред нивниот настап на Специјални Олимписки Светски Зимски Игри – Торино 2025...

Министерот за спорт Борко Ристовски денеска во Министерството за спорт организираше прием за македонските атлети и за делегацијата од Специјална Олимпијада на Македонија пред нивниот настап на Специјални Олимписки Светски Зимски Игри – Торино 2025, кои ќе се одржат од 7 до 16 март 2025 година.

Македонската делегација, составена од талентирани атлети, тренери и официјални лица, ќе ја претставува Македонија на ова големо спортско натпреварување кое ќе собере над 1.500 атлети од 102 земји низ светот.

Ристовски им посака успешен настап на македонските атлети на овој глобален спортски настан и изрази безрезервна поддршка.

Министерот најави и дека Специјална Олимпијада на Македонија ќе добие приоритет во исплатата на финансиските средства кои доаѓаат како помош од државата за спортот.

На Специјални Олимписки Светски Зимски Игри – Торино 2025, нашите атлети ќе се натпреваруваат во алпско скијање, крос-кантри скијање и спортски танц, демонстрирајќи го својот талент, посветеност и спортски дух. Делегацијата ќе биде предводена од Драган Караџовски, како шеф на делегацијата, проф. Јован Јовановски како главен тренер за алпско, проф. Ермонд Мифтари како помошен тренер за алпско скијање, проф. Илија Клинчаров како главен тренер по крос-кантри скијање и проф. Катерина Јолакоска како главен тренер за спотски танци. Атлетите кои ќе ја претставуваат нашата земја се: Фатмире Бајрамоска – крос-кантри скијање, Албан Бајрамоски – крос-кантри скијање, Илина Георгиева – спортски танц, Стефан Трпковски – спортски танц, Матеј Аларов – алпско скијање, Себаат Ајвази – алпско скијање.

Во рамки на игрите, делегацијата на Специјална Олимпијада на Северна Македонија ќе биде дел и од Глобалниот Самит за Лидерство на Младите, програмата „Здрави Атлети“ и други инклузивни иницијативи, со што ќе ја промовира важноста на спортот како средство за социјална инклузија.

Под мотото „Дозволи ми да победам, а ако не можам, дозволи ми да бидам храбар во обидот“, нашите атлети ќе дадат сè од себе да ја претстават земјата во најдобро светло и да покажат дека спортот е за сите.