Струга

На следното рочиште против Мерко судот ќе ги спроведе сведоците со полициска асистенција

06.03.2025 17:51

Две судски рочишта против струшкиот градоначалник одложени, се одржа едно за незаконско поставување на директор во ОУ „Браќа Миладиновци“. Според судијата неиздржани се причините за отсуство на сведоците, затоа издадена е наредба на следно рочиште ќе бидат спроведени со полициска асистенција. Просветниот инспектор потврди дека назначената директорка не ги исполнувала условите од Законот за основно образование, Мерко повторено се изјасни за невин.

Еден имал куќна слава, на друг му почнала градежна сезона, трет имал обврски како менаџер на хотел. Ова се оправдувањата на сведоците, поради кои денес повторно беше одложено судското рочиште против градоначалникот Рамиз Мерко. За незаконско поставување на директори. Единствениот сведок кој се појави во Судот стигна само до ходникот, а потоа исчезна.

Судијата издаде наредба на следното рочиште да бидат донесени со асистенција на полиција.

„Сметам дека е недозволиво и дека е исклучиво непочитување према Судот да се пишуваат некој работи кои не може да се сметаат за оправдана причина. Од тоа што слушнавме што е напишано некако создава сомнеж дека некој избегнува да се јави пред судот и од тие причини, доколку не сакаат по редовен пат, ќе мора за жал, да користиме присилни механизми“, изјави судијата Јордан Јованов.

Од три се одржа само едно рочиште за поставувањето директор во (ОУ) „Браќа Миладиновци“. Просветниот инспектор, потврди дека назначената директорка не ги исполнувала условите од Законот за основно образование.

„В.д. директорката Албена Жута не била од редот на вработените како што налага законот, немала положен испит за директор, немала валиден сертификат за познавање на англиски јазик. За пропустите од направениот надзор беа известени сите институции“, рече Виолета Џуклеска просветен инспектор.

Сведок беше и директорката, која побара преведувач на албански јазик. Таа призна дека немала положен Државен испит, но рече станала директорка по направени консултации со градоначалникот и тогашниот министер за образование.

Основното јавно обвинителство Струга го товари струшкиот градоначалник за несовесно работење и незаконско поставување директори, а тој и денеска рече дека не се чувствува виновен.

 

Соња Рилковска