Немири пред градското собрание во Белград
Физичка пресметка меѓу опозицијата и обезбедувањето на Собранието на град Белград. Уапсени повеќе лица, има повредени...

И додека Собранието на Србија денес продолжи со работа без опозицијата, истовремено пред Собранието на град Белград дојде до физичка пресметка меѓу опозицијата и обезбедувањето на Собранието.
Работата на седницата беше попречувана од градските советници од опозицијата.
Иницијативата „Мостот останува“ ги повика граѓаните и опозицијата да ја блокираат седницата, сметајќи дека легитимни се само две точки – поддршка на студентските протести и мораториум на сите нетранспарентни градежни проекти.
Пред зградата советниците и пратениците на опозицијата и граѓаните почнаа да фрлаат црвена боја и јајца, и се обидоа да ја урнат металната ограда, но обезбедувањето не им дозволи.
Дојде до физичка пресметка, обезбедувањето беше испрскано со црвена боја, а беа употребени синџири, чадори и други предмети. Имаше повредени, кои беа префрлени со Брза помош. Претходно, солзавец беше фрлен и во зградата на градскиот парламент.
Во инцидентот се вклучи полицијата која приведе најмалку петмина активисти на опозициската иницијатива „Мост“, а обвинителството и нареди на полицијата да ги идентификува осомничените за насилството. Опозицијата пак најави собир пред полициската станица каде се уапсените.
Народното собрание го изгласа четвртото барање на студентите, измените на Законот за високо образование, но проблематични останаа останатите три барања, по негативниот извештај на Експертската група на Универзитетот, која оцени дека документацијата за несреќата во Нови Сад или не е објавена или ја нема.
Денес не е исплатена платата на образовниот кадар кој е во блокада, во петок се најавува генерален штрајк во цела Србија, во сабота на 8 март најавени се масовни блокади низ цел Белград, се до централен протест на студентите и работниците на Главниот плоштад.
На 15-ти март најавен и голем масовен протест во Белград, а протести и блокади има во над 350 населени места.
Од Белград за МТВ-Оливер Бранковиќ
