Свет

Вонреден самит на Европскиот совет за Украина во Брисел

06.03.2025 17:04

„Влегуваме во нова ера. Нашата генерација нема да може да живее само од дивидендите на мирот. Наше е да го посееме семето за иднината“, со ваква драматична видеопорака се обрати францускиот претседател Емануел Макрон, пред почетокот на набрзина свиканиот ЕУ Самит во Брисел денеска. Ќе се разговара за зголемување на трошоците за одбрана и да им се дозволи на европските земји да купуваат оружје и муниција од европските производители. Но тој предлага формирање нов „нуклеарен чадор“ над Европа. Ваквата изјава Лавров ја протолкува како закана кон Русија …

Пресвртница за Европската унија. Поддршката за Украина и одбраната-во средиштето на итниот, вонреден Самит на ЕУ во Брисел. Откако САД побараа ЕУ да си ја преземе одговорност по што ја укинаа воената помош за Киев, Брисел изнаоѓа излез и одбрана при тектонски геополитички промени дополнети со неединство во Унијата. Унгарија побара да не биде спомната во писмените заклучоци од Самитот.

„Безбедноста и одбраната на Европа не се раздвоени од украинските. Драг Володимир и натаму продолжуваме со тебе во мировните договори кога вие ќе решите. И најважно во иднина како членка на Европската унија“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот Совет.

„Ова е пресвртница за Европа, Украина е дел од европското семејство. Европа се соочува со јасна и актуелна опасност и затоа и ЕУ и Украина треба да се заштитат“, изјави Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

„Ова не се само зборови, знаеме дека не сме сами. Ова е силен сигнал за Украина и Украинците. Сигнал за зголемување на нашето производство на оружје и за зголемување на европската безбедност“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Франција следната недела е домаќин на состанокот на началниците на генералштабовите на оружените сили на европските земји. Париз е отворен за проширување на францускиот нуклеарен чадор во Европа – порача Макрон. Од Москва велат, нуклеарната реторика претставува закана за Русија, a британско-францускиот предлог за распоредување на европски мировници во Украина директно го вклучува и НАТО во војната.

„Ова распоредување на европски мировници ќе значи директно, официјално, нескриено вклучување на земјите на НАТО во војна против Руската Федерација. Ова нема да се дозволи како и вчерашната нервозна изјава на Макрон дека Русија е закана за Европа“, изјави Сергеј Лавров, министер за надворешни работи на Русија.

Лондон и Париз побараа едномесечно примирје, Москва не се согласува, тоа е добивање во време за вооружување на Киев. Британскиот премиер Стармер вели дека најважно е да се обезбеди траен мир во Украина со гаранција на суверенитетот и тоа да се направи заедно со САД.

„Треба да и овозможиме на Украина најсилна можна позиција. Не знаеме дали ќе има договор. Борбата трае и голема грешка е да се мисли дека треба само да чекаме на договорот“, изјави Кир Стармер, премиер на Велика Британија.

Кремљ го назначи дипломатот Александар Дарчиев за нов руски амбасадор во САД, резултат од повторното воспоставување на американско-руските релации. Паралелно, продолжува и дипломатијата на релација Вашингтон-Киев, најавен е договор за ретките минерали во САД следната недела.

 

Маријана Димовска