Поддршката за Украина потврдена на Самитот во Брисел
Земјите – членки на ЕУ се договараат за засилување на одбраната. На Самитот во Брисел потврдена поддршката за Украина. Продолжуваат дипломатските напори за нормализација на односите Вашингтон – Москва, назначен нов руски амбасадор во САД. Путин порачува, не сакаме ништо туѓо, но нема да се откажеме од она што е наше …

Пресвртница за Европската унија. Челниците на 27-те земји на ЕУ на вонредниот самит во Брисел. Го разгледуваат планот за заедничка европска одбрана, за првпат по создавањето на Унијата и по Втората светска војна. Нема преговори за Украина без Киев и разговори за европската безбедност без Европската унија, решителни се европските челници.
„Безбедноста и одбраната на Европа не се раздвоени од украинските. Драг Володимир и натаму продолжуваме со тебе во мировните договори кога вие ќе решите. И најважно во иднина како членка на Европската унија“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот Совет.
„Ова е пресвртница за Европа, Украина е дел од европското семејство. Европа се соочува со јасна и актуелна опасност и затоа и ЕУ и Украина треба да се заштитат“, изјави Фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Сите мора да се погрижат Русија да ја прекине војната, истакна Зеленски.
„На денешниот состанок со сите европски лидери, беше важно да се слушне и да се почувствува дека не сме сами, дека Европа е на наша страна“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Париз е за проширување на францускиот нуклеарен чадор во Европа – порача Макрон. Од Москва возвратија, нуклеарната реторика претставува закана за Русија и нема да прифати мировни трупи во Украина составени од НАТО земјите по британско – францускиот предлог. Туѓото не го сакаме, своето не го даваме, порака од рускиот претседател.
„Ние мора да одбереме верзија на мир што ќе ни одговара и што ќе го осигура мирот за нашата земја на долг рок од историска перспектива. Не ни треба ништо што им припаѓа на другите, но нема да се откажеме од она што е наше“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Кремљ го назначи дипломатот Александар Дарчиев за нов руски амбасадор во САД. Продолжува и дипломатијата на релација Вашингтон-Киев, најавен е договор за ретките минерали во САД следната недела.
Маријана Димовска
