Потврдена поддршката за Украина на вонредниот самит во Брисел
На вонредниот самит во Брисел потврдена поддршката за Украина. Членките се договорија за засилување на одбраната. Унгарија не ги поддржа предлог заклучоците, Орбан смета дека трошоците се преголеми …

Одлучно се движиме кон силна и посуверена одбрана на Европа-изјави претседателот на Европскиот совет Кошта, откако сите 27 земји-членки се обединија во поддршката за зајакнување на европската одбрана. Првиот столб од новиот план за трошење вклучува 150 милијарди евра заеми за земјите од ЕУ за зајакнување на одбраната.
„Пред еден месец имавме стратешко размислување како да ја водиме нашата заедничка акција за одбрана. Денес остваруваме резултати и одлучно се движиме кон силна и посуверена одбрана на Европа“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
Сепак, европските лидери не успеаја да најдат заеднички јазик за продолжување на воената помош за Украина, па ги усвоија заклучоците без потпис од Унгарија. Поради Орбан, предлозите не станаа официјален заклучок, туку документ на ЕУ-силно поддржан од 26-те земји членки. На прашањето за Украина ќе се навратат на следниот состанок.
„Сите ние сакаме мир, праведен и траен мир, но од позиција на сила. Ова е во интерес на претседателот Трамп. Ако сака да го постигне ова, тоа е можно само со поддршка на ЕУ и нејзините земји-членки, бидејќи треба да се исполнат предуслови. Го обезбедивме економскиот опстанок на Украина за 2025 година. Ова е во интерес на сите“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
На Словачка и е ветена помош за убедување на Зеленски да ги продолжи испораките на руски гас. Унгарија сепак остана неразубедена. За нив трошоците за Украина се премногу.
„Треба да потрошиме повеќе пари за да ги зајакнеме нашите сопствени воени и одбранбени капацитети. Но, во исто време, некој треба да ја финансира украинската армија, што е огромна сума пари, а Американците не би биле дел од тоа во иднина. И мислам дека овие три работи заедно- три пакети, се едноставно премногу. Европа не може да си го дозволи тоа. Унгарија дефинитивно не“, изјави Виктор Орбан • премиер на Унгарија.
Лидерите на ЕУ се обврзаа да работат заедно откако Трамп сигнализираше дека Европа е одговорна сама за својата безбедност. По самитот Зеленски објави дека украински преговарачи ќе се сретнат со американска делегација во Ријад следната недела на која се очекува и ставање потпис на документот за ретки минерали.
Бојана Крстевски
