Посветеноста на САД кон НАТО повторно доведена во прашање
Американскиот претседател Трамп ја доведе во прашање посветеноста на САД кон НАТО. Смета дека не треба да им помага на земји кои не трошат доволно за сопствената одбрана. Останува на ставот дека членките би требало да издвојуваат 5 насто од својот БДП за одбраната. Остваруваме резултати и одлучно се движиме кон силна и посуверена одбрана на Европа,изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта...

Посветеноста на САД кон НАТО повторно доведена во прашање. Вашингтон нема да им помага на земјите кои не трошат доволно за сопствената одбрана-изјави Трамп, посочувајќи дека членките треба да издвојуваат најмалку 5 насто од БДП-то.
„Ако не платат, нема да ги бранам. Мојот најголем проблем со НАТО е тоа што ако САД имаат проблем и ја повикаме Франција или други земји и речеме „имаме проблем“, дали мислите дека ќе дојдат да ни помогнат? Не сум сигурен“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Враќањето на Трамп на чело на Белата куќа и сигнализираше на Европа дека самата е одговорна за својата безбедност. За првпат по Втората светска војна и создавањето на Унијата, европските лидери на самитот во Брисел се обединија во поддршката за зајакнувањето на одбранбените капацитети. Сите 27 земји членки согласни да го преземат товарот на свои раменици. Првиот столб од новиот план за трошење вклучува 150 милијарди евра заеми за земјите од ЕУ.
„Денес се пишува историјата. Излегуваме од овој Европски совет многу решени да ја обезбедиме безбедноста на Европа и да дејствуваме со обемот, брзината и решителноста што ги бара оваа ситуација“, изјави Урсула фон дер Лајен претседателка на Европската комисија.
Инвестициите ќе се однесуваат на приоритетните области дефинирани од Европската агенција за одбрана, како одраз на научените лекции од војната во Украина и целосно расчистување со НАТО-додаде претседателот на Европскиот совет.
„Потоа ќе мобилизираме дополнителни јавни и приватни средства за нашата одбрана. Ќе создадеме нов европски инструмент, до 150 милијарди евра за поддршка на земјите-членки во зајакнувањето на одбранбените капацитети кои се итно потребни“, изјави Антонио Кошта, претседател на Европскиот совет.
Ова се одлуки кои означуваат чекор кон акција-истакна Макрон.
„Со заемот, земјите-членки ќе имаат пристап до средства по најдобри пазарни стапки за опрема на краток рок, веднаш. Пофлексибилен пакт за стабилност и раст ќе ги ослободи одбранбените инвестиции на национално ниво за земјите-членки“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Европските лидери сепак не постигнаа консензус за Украина. Поради Унгарија предлозите не станаа официјален заклучок, туку документ на ЕУ-силно поддржан од 26-те земји членки.
„Треба да потрошиме повеќе пари за да ги зајакнеме нашите сопствени воени и одбранбени капацитети. Но, во исто време, некој треба да ја финансира украинската армија, што е огромна сума пари, а Американците не би биле дел од тоа во иднина. Европа не може да си го дозволи тоа. Унгарија дефинитивно не“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.
По Самитот, Зеленски објави дека украински преговарачи ќе се сретнат со американска делегација во Ријад следната недела на која се очекува и ставање потпис на документот за ретки минерали.
Бојана Крстевски
