Тетовци бараат дослокација на дивата депонија
Тетово сеуште има проблем до дивата депонија која е блиску до градот. Постапката за избор на концесионер што ќе управува со полошкиот отпад е прекината. Ново решение не е на повидок.

Тетовци бараат дислокација на претоварната станица на која и натаму се носи градскиот отпад. Местото е во непосредна близина на населби и индустриски капацитети. Некои велат дека често ѓубрето чади и се шири смрдеа.
„После полноќ се гледа како се шири облак и смрдеа. Тоа е во склоп на градското подрачје и нормално дека треба да се дислоцира од тука. Смета на градот и со самото тоа што е депонија нормално дека треба да се смени и местото, не е добро по здравјето“, велат жители на Тетово.
Од ова место во близина на излезот кон Скопје, ѓубрето повторно се товари и се нови во регионалната депонија „Русино“ кај Гостивар.
Советот на Полошкиот плански регион, поради одредени неправилности, одлучи да ја прекина постапката за избор на концесионер што ќе управува со полошкиот отпад.
„Наша законска обврска е да ја вратиме процедурата во Владата за натамошно постапување. Истиот овој совет повторно ќе се состане и ќе ги бара начините за решавање на овој проблем“, изјави Теута Арифи, градоначалник на општина Тетово.
Министерот за животна средина најави дека информацијата за ваквата одлука ќе ја пренесе до Владата.
„Како препорака ќе оди преку информација до Влада, а Владата ќе донесе заклучок по оваа точка“, рече Нурхан Изаири, министер за животна средина и просторно планирање.
Од локалната самоуправа велат дека паралелно со ова се бара и нова локација за претоварна станица која ќе ги исполнува потребните стандарди.
Зоран Јованоски
