Свет

Апсења за обид за проруски пуч во Романија

07.03.2025 12:23

Двајца уапсени, на четворица забрането да ја напуштаат земјата – романските власти разбија криминална група, осомничена за предавство. Со руски агенти се обиделе да инсталираат нова влада во Букурешт и да ја извадат земјата од НАТО…

Романија, важен дел од источното крило на НАТО, се соочува со нова политичко-терористичка афера. Полицијата приведе шестмина од кои двајца се осомничени и притворени за уривање на уставниот поредок на земјата. Групата постојано соработувала со агенти на странска сила, лоцирани и во Романија и во Русија, соопштија романските обвинители. Осомничените патувале во Москва каде што контактирале луѓе кои планирале да ја соборат власта во Романија.

„Мојот клиент не направил ниту криминал ниту предавство, ова се едноставно шпекулации и тоа го тврдам. Се сретнале со луѓе од Русија на јавна локација“, изјави Јон Сарбу-адвокат.

„Не поканија дома, на вечера. Не би требало да се сретнеме? Пред три недели тие ги прославуваа нивните херои кои загинаа тука, обидувајќи се да не одбранат“, изјави Георгика Аттитиен- осомничен.

„Кога одиш во амбасада сите, почнувајќи од амбасадорот, стојат на десната страна, тоа е протокол. Секој кој влегува таму треба да им посака среќа“, рече Раду Софран-осомничен.

Групата наводни терористи насловена како Влад Тепеш, попознат кај нас како гроф Дракула, била предводена од 101-годишен пензиониран генерал, којшто актуелната власт ја нарекувал антироманска. Москва ќе одговори на апсењето поврзано и со протерувањето на руското воено аташе и помошникот од Букурешт.

„Русија нема обичај да се меша во работите на другите нации. Нема потреба да се префрла вината од болните на здравите. Ова се романски проблеми, криза на нивниот политички систем. Со ова си ја влошуваат состојбата“, изјави Марија Захарова-портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија.

Во мај се повторуваат претседателските избори во Романија, лани поништени од Врховниот суд поради наводното мешање на руските служби и можната победа на десничарот Георгеску.

„Мораме да се осигураме дека изборите во мај мораат да се организираат правилно, чесно, транспарентно за Романците да си ја изразат волјата преку гласањето. Очигледно е дека покрај класичните, се појавуваат хибридни војни кои влијаат на довербата на граѓаните“, нагласи Илие Болојан – привремен претседател на Романија.

Во Букурешт повремено се одржуваат протести на крајната десница поради поништените избори. Обвинителите неделава поведоа истрага против Георгеску за поддршка на фашистички групации.

Зоран Богатинов