Кривични пријави за инцидентот на натпреварот Пелистер –Вардар
По интерната истрага на секторот за внатрешна контрола и од изјавата на полицаецот кој ја должел шок бомбата не може да се прецизира дали му била одземена од навивачите или му испаднала...

Скопјанец и битолчанец заработија кривична пријава за инцидентот што се случи на натпреварот Пелистер –Вардар во Битола. Се товарат за напад на службено лице на служба и им е одреден 8 дневен притвор. Од МВР објаснуваат дека за време на неделниот натпревар повеќемина од навивачката група „Комити“ меѓу кои биле и двајцата пријавени, физички нападнале полициски службеници кои биле задолжени за обезбедување на стадионот. По интерната истрага на секторот за внатрешна контрола и од изјавата на полицаецот кој ја должел шок бомбата не може да се прецизира дали му била одземена од навивачите или му испаднала.
„Факт е дека истата не била активирана од полициски службеник, напротив и од видео снимките јасно се гледа дека подолг период еден од навивачите замавнува со шок бомбата кон полициските службеници. Што значи на некој начин, којшто веројатно ќе се утврди во натамошната постапка, истиот дошол до шок бомбата“ , рече Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност.
МВР во координација со надлежното Јавно обвинителство продолжува да работи на целосно расчистување на случајот. Во неделниот инцидент беа повредени 8-мина навивачи Комити, еден е потешко и 4 полицајци.
Само во првите шест месеци од годинава се регистрирани 19 инциденти на спортски натпревари. Поднесени се две кривични пријави против осуммина..
