Трамп: Ако НАТО не плати, нема да ги бранам
Сојузништвото на земјите од различните страни на Атлантикот ставено под прашалник. Американскиот претседател Трамп повторно ја актуализираше посветеноста на Алијансата, предупредувајќи дека ако НАТО не плати, тој нема да ги брани членките на Сојузот. Европа постигна договор значително да ја зајакне сопствената одбрана, со порака до Трамп дека останува лојален и верен сојузник...

Посветеноста на САД кон НАТО повторно доведена во прашање. Вашингтон нема да им помага на земјите кои не трошат доволно за сопствената одбрана – изјави Трамп.
„Ако не платат, нема да ги бранам. Ако САД имаат проблем и ја повикавме Франција или други земји и речеме „имаме проблем“, дали мислите дека ќе дојдат да ни помогнат? Не сум сигурен“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
По сигналите од Вашингтон дека Европа е сама одговорна за својата безбедност, за првпат сите 27 земји членки на самитот во Брисел се обединија во поддршката за зајакнувањето на одбранбените капацитети. Првиот столб од новиот план за трошење вклучува 150 милијарди евра заеми за земјите од ЕУ.
„Излегуваме од овој Европски совет многу решени да ја обезбедиме безбедноста на Европа и да дејствуваме со обемот, брзината и решителноста што ги бара оваа ситуација“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Инвестициите ќе се однесуваат на приоритетните области дефинирани од европската агенција за одбрана, како одраз на научените лекции од војната во Украина и целосно расчистување со НАТО-додаде претседателот на европскиот совет.
„Потоа ќе мобилизираме дополнителни јавни и приватни средства за нашата одбрана. Ќе создадеме нов европски инструмент, до 150 милијарди евра за поддршка на земјите членки во зајакнувањето на одбранбените капацитети кои се итно потребни“, изјави Антонио Кошта, претседател на европскиот совет.
Ова се одлуки кои означуваат чекор кон акција-истакна Макрон.
„Со заемот, земјите членки ќе имаат пристап до средства по најдобри пазарни стапки за опрема на краток рок, веднаш“, изјави Емануел Макрон, претседател на Франција.
Европските лидери сепак не постигнаа консензус за Украина. Поради Унгарија предлозите не станаа официјален заклучок, туку документ на ЕУ-силно поддржан од 26-те земји членки.
„Некој треба да ја финансира украинската армија, што е огромна сума пари, а Американците не би биле дел од тоа во иднина. Европа не може да си го дозволи тоа. Унгарија дефинитивно не“, изјави Виктор Орбан, премиер на Унгарија.
Кремљ се закани дека ќе одговори на конфронтирачката реторика од Брисел.
„ЕУ активно разговара за нејзината милитаризација. Ова може да биде сериозна причина за загриженост и да не принуди да преземеме соодветни мерки за да ја обезбедиме нашата сопствена безбедност. Оваа конфронтирачка реторика и дискусии во Брисел се во целосна спротивност со напорите за изнаоѓање мирно решение во Украина“, изјави Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.
Песков додаде дека се во контакт со САД за подготовките за преговорите за Украина, но дека „нема нови детали“ и дека Москва сè уште не назначила главен преговарач за разговори со САД. По самитот Зеленски објави дека украински преговарачи ќе се сретнат со американска делегација во Ријад следната недела на која се очекува и ставање потпис на документот за ретки минерали.
Бојана Крстевски
