дпи

Скокнаа трошоците за живот, казни за непослушните трговци

07.03.2025 17:01

Маржи и до 70 проценти – маркети, аптеки, увозници, дистрибутери, 36 трговци не ги почитувале владините одлуки за пониски цени. Изречени парични казни, објекти ставени под клуч...

„Клуч на врата“ за маркети, аптеки и големи увозници на овошје и зеленчук поради непочитување на владините одлуки. Некои од нив остварувале маржи и до 70%, што се прелеало врз цената на крајниот производ. „Непослушните“ трговци ќе изгубат двонеделен промет и парично ќе се казнат од 500 до 10.000 евра.

Од 24-ти февруари до 6-ти март инспекторите влегле во над илјада објекти. Констатирани биле 36 неправилности, и изречени казни од 42.000 евра.

Од Инспекторатот ги охрабрија граѓаните ако увидат неправилности да ги пријават на телефонскиот број 191.

Граѓаните се надеваат дека алчните трговци конечно ќе се освестат.

И додека инспекторите со 50 тимови се на терен за да казнуваат, податоците на Статистика покажуваат дека трошоците за живот скокнале за 5%, а цените на мало 4,2% на годишно ниво, иако во февруари во однос на јануари има намалување.

Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во февруари во однос на јануари годинава изнесува 0,5%.

 

Борис Грујоски