Македонија

Во Драчево започна реконструкцијата на коритото на реката Мала Рада

07.03.2025 14:22

Според градоначалникот Орце Георгиевски станува збор за реконструкција на потпорните ѕидови и регулирање на коритото на реката Мала Рада во должина од 2,5 км и ширина 4 метри.

Во рамки на теренските посети на општините „Каде што срцето е дома“ кои ги организира Министерството за локална самоуправа, делегација на Владата на Република Македонија присуствуваше на почеток на реконструкција на потпорните ѕидови и регулирање на коритото на реката Мала Рада во село Драчево, Општина Кисела Вода.

Според градоначалникот Орце Георгиевски станува збор за реконструкција на потпорните ѕидови и регулирање на коритото на реката Мала Рада во должина од 2,5 км и ширина 4 метри. Тој во обраќањето напомена дека уредувањето на речното корито било дамнешно барање од граѓаните, а за уредувањето на просторот, владата вложила 30 милиони денари.

Во минатото ова место беше практично една база на отпад, но и дополнително, честопати се случуваше при надоаѓање на реката да бидат поплавени голем број на домови, да бидат загрозени многу граѓани, сето тоа сега оди во минатото, благодарение на Владата и претседателот на владата бидејќи почнавме денес со уредување на ова речно корито, рече Георгиевски.

Тој нагласи дека со дополнителен проект, односно втора фаза од овој проект, ќе се облагороди целиот простор во пешачка патека, со урбана опрема, осветлување. Посочи дека наскоро во општината ќе се реализираат уште два капитални проекти: целосно уредување и реконструкција на улицата Ѓорѓи Димитров во Кисела Вода, а во финална фаза е избор на најповолен изведувач за доградба на ОУ „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода.