Потврда на македонските позиции, се бараат гаранции за договор со Софија
Стратешко партнерство со Соединетите Американски Држави, полноправно членство во ЕУ – власта го образложи правецот на надворешната политика на земјава. Се бараат гаранции за договор со Софија…

Надворешната политика на Македонија се води врз основа на стратешкото партнерство со САД и евроинтеграцијата. Затоа, правилна беше одлуката за поддршка на американската резолуција за Украина во Обединетите нации, чиј коспонзор беше Македонија, сметаат шефот на дипломатијата и премиерот.
Поддршката на американската резолуција не се коси со усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, оти санкциите кон Русија остануваат. Македонија не е подготвена да праќа војници во Украина.
Уставните промени ќе се случат кога ќе имаме гаранции од Бугарија дека нема да има нови блокади за билатерални прашања. Нема да повториме грешка да прифатиме решение без гаранции и на тоа работиме и со други земји-членки на ЕУ, изјави шефот на дипломатијата Муцунски.
Францускиот амбасадор смета дека не се можни гаранции оти 27 земји-членки имаат право на вето при преговорите.
МНР соопштиле на новата американска администрација дека ќе вратат 341 македонски државјанин кои се илегално во САД. Се надеваат дека ЕУ ќе прифати одложување на почетокот на системот за влез-Етиас за македонските државјани од јуни.
Ирина Гелевска
