Кривичен Суд

Ново судење за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски

07.03.2025 16:49

Доживотна робија не ме плаши, пресудата е однапред донесена – првообвинетиот Палевски се произнесе за двојното убиство на Вања и Панче...

Клучната снимка која требаше да покаже каде бил првообвинетиот Љупчо Палевски – Палчо ноќта кога е убиен велешанецот Панче Жежовски – одбраната не ја прикажа во судницата. Со неа сака да му даде алиби на Палевски дека автомобилот рено кангу бил во Скопје, а не во Велес. Палевски побара изземање на судијата Ивица Стефановски од предметот за двојното убиство. Според него, судијата бил пристрасен и не му давал да ги произнесе неговите докази. Судот ова барање на Палевски го отфрли.

„Доживотна робија не ме плаши и ниту влијае на мене. Има докази кои судијата не сака да ги види, ниту дозволува да ги презентирам. Не знам како судијата ќе ги цени доказите кога не ги прочитал“, рече Љупчо Палевски – Палчо во судницата.

Одбраната побара и вештачење на чаурата со калибар девет милиметри пронајдена на местото каде што е убиен Панче Жежовски.

„Кога некој се товари за убиство невозможно е за најдена чаура да побарате вештачење само од какво оружје е испукана и од кој калибар е, без притоа чаурата да биде и балистички вештачена, за да се утврди дали е испукана од оружје кое е легално, за кое некое лице има дозвола, или е од нелегално оружје, купено на црн пазар. До денес ЈО не го сторило тоа, а товари лица за убиства“, изјави Јовица Страшевски, адвокат.

Адвокатите побараа во судница да дојде и вештото лице и да се види дали има днк-траги на чаурата.

Следното рочиште за двојното убиство, на кое обвинетите ќе даваат искази, е закажано за в среда. Прв исказ ќе дава обвинетиот Велибор Манев.

Андријана Ѓурческа