Македонија

Битола спроведува постапка за изработка на физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер

08.03.2025 14:19

Баба Планина со огромен потенцијал за развој на туризмот во Битола, кој е слабо искористен. Општина Битола се подготвува за спроведување постапка за изработка на физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер, со која ќе бидат опфатени сите сегменти-дефинирање на трасата, финансиската конструкција и финансиска одржливост на проектот. Станува збор за проект за кој ќе биде потребно подолг период за реализација и кој бара голема финансиска поддршка…

Битола чекор поблиску до еден од најголемите проекти за развој на туризмот во градот, но и во регионот. Локалната самоуправа се подготвува за спроведување постапка за изработка на физибилити студија за изградба на гондола на Пелистер. Во неа ќе бидат опфатени сите сегменти, од дефинирање на трасата, финансиската конструкција, но и финансиска одржливост на проектот. Од општината велат ова ќе биде одлична можност за развој на туризмот.

Потенцијалот на најјужната планина со алпски карактеристики е огромен, велат експерти на компанијата која е изведувач на гондоли во скијачките центри на Балканот. Тие во два наврати го посетија Пелистер со цел да направат увид во постоечката структура и можностите кои ги нуди Баба Планина. И граѓаните со позитивни реакции за овој проект.

Иако скијањето се вбројува во еден од најскапите спортови, од ски-центрите Копаники и Нижеполе, оваа скијачка сезона, која сè уште трае, ја оценуваат како најдобра во последната деценија, со рекорден број на посетители.

Александра Максимовска