Продолжуваат борбите во Украина- жртви во Доњецк, напади со дронови во Одеса
Повеќе од илјада луѓе останаа без струја. Киев возвраќа, дронови ја нападнаа една од најголемите рафинерии во Ленинградската област.

Продолжуваат борбите во Украина во неколку правци. Жртви и повредени во Доњецк. Руската војска доцна синоќа со беспилотни летала ја нападна Одеса. Повеќе од илјада луѓе останаа без струја. Киев возвраќа, дронови ја нападнаа една од најголемите рафинерии во Ленинградската област.
„Ова е обична станбена зграда, внатре имаше луѓе. Неколку влезови беа целосно уништени. А ова е само една од оштетените згради, другите претрпеа значителна штета, скршени се прозорците, возилата што беа паркирани во близина на местото беа оштетени“, изјави Павло Дјаченко, портпарол на регионалната полиција во Доњецк.
Американскиот претседател верува оти Путин сака да ја заврши војната и дека му е потешко да излезе на крај со Украина. Трамп вели дека наредил пауза на американската воена помош и размена на разузнавачки информации со Киев за да ја натера Украина да преговара за крај на војната.
„Како што знаете, на почетокот на неделата ќе разговараме во Саудиска Арабија. Сметам дека во однос на добивање конечна спогодба, можеби е полесно да се справиме со Русија, што е изненадувачки бидејќи тие ги имаат сите карти и ги бомбардираат во моментов. Украина мора да ја заврши работата“, нагласи Доналд Трамп, претседател на САД.
Рускиот претседател во осмомартовската честитка вели дека победата е на нивна страна.
„Најтоплите зборови ги упатувам до жените кои сега се таму каде што е особено тешко. Станува збор за учесниците во специјална воена операција. Би сакал посебно да им се обратам на жените чии најблиски – сопрузи, татковци, браќа и најблиски – сега ја бранат иднината на нашата земја. Вашето искрено учество, постојана грижа и вашата љубов, лојалност им даваат сила на нашите војници, го зајакнуваат нивниот дух и вербата во вистината – а со тоа и победата е на наша страна“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Украина сака мир што е можно поскоро, уверува Зеленски пред средбата со американски претставници идната недела и по критиките од Вашингтон дека не сака да преговара за мировен договор.
„Продолжуваме да работиме со нашите партнери, кои сакаат мир исто како и ние. Следната недела ќе има многу работа овде во Европа, со Америка, во Саудиска Арабија – подготвуваме состанок за да го забрзаме мирот и да ја направиме безбедносната рамка силна. Агендата е јасна – мир што е можно поскоро, безбедност, што е можно посигурна. Украина е посветена на најконструктивниот пристап“, нагласи Володимир Зеленски, украински претседател.
Состојбата во Украина е приоритети и на ЕУ во пресрет на очекуваните мировни преговори, како и прашањата поврзани со зајакнувањето на одбраната на Европа, што би можело да резултира со зајакнување на улогата на Европската комисија.
„Цела Европа е подготвена да работи заедно, исто така да објасни и да ги убеди нашите најголеми партнери, вклучително и Соединетите Американски Држави, колку е важно за стабилноста на идниот мир да биде вклучена Европа во мировниот процес во Украина“, изјави Доналд Туск, премиер на Полска.
Франција следната недела е домаќин на состанокот на началниците на генералштабовите на оружените сили на европските земји.
Маријана Димовска
