Регион

И денес протести и блокади во Србија

08.03.2025 13:24

По вчерашниот генерален штрајк во Србија, инцидентот со министерот Селаковиќ, и денес протести и блокади…

Продолжуваат протестите и блокадите ширум Србија, по вчерашниот Генерален штрајк на кој повикаа студентите, кој беше најмасовен во Белград, со десетици илјади граѓани кои пешачеа низ централните градски улици, правејќи километарска колона.

По протестот на поддршка на вработените во РТС, дојде до тензична атмосфера со група студенти кои се против блокадите и до физички напад врз министерот за култура Никола Селаковиќ.

„На овој мал простор, како што можете да видите, има студенти кои сакаат да учат. До нив се некои постари луѓе кои сакаат да ги малтретираат … Претпоставувам дека не можат да поднесат некој да мисли поинаку и вечерва го нападнаа министерот Селаковиќ и мислат дека решиле некој проблем со тоа. Но, не. Тие само уште еднаш покажаа што мислат за демократијата во оваа земја и како би се однесувале со луѓето кои мислат поинаку од нив. Сакам уште еднаш да ве повикам да го зачуваме мирот, бидејќи пристојната и нормална Србија-не можат да ја победат“, изјави претседателот Александар Вучиќ.

Денес продолжуваат протестите ширум Србија, веќе имаше инцидент меѓу полицијата и земјоделците во Богатиќ, а во Белград прво ќе има осмомартовски марш, а потоа протест насловен како „Студенти и работници рамо до рамо“ кој ќе започне од десет различни локации, со блокада на цел Белград и ќе заврши со протест на Плоштадот на Републиката.

Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ