Се зголемува бројот на разводи, се намалува бројот на бракови
Бројките ја потврдуваат загрижувачката демографска промена – традиционалната семејна структура се менува, а брачните заедници стануваат нестабилни.

Брачните заедници во Македонија стануваат сè пократкотрајни, бројот на разводи расте. Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, во последниот квартал од 2024 година биле регистрирани 601 развод, што претставува пораст од 23,9% во однос на истиот период минатата година.
Паралелно со тоа, бројот на новосклучени бракови се намалува. Во 2023 година биле регистрирани 12.672 бракови, што е 1,6% помалку отколку во 2022 година. Најмногу бракови се склучуваат во август.
Бројките ја потврдуваат загрижувачката демографска промена – традиционалната семејна структура се менува, а брачните заедници стануваат нестабилни.
Според социолозите, повеќе фактори придонесуваат за зголемениот број разводи. Некои од клучните причини вклучуваат избрзано стапување во брак, финансиски проблеми, недостаток на комуникација, мешање на семејствата.
