Сезонскиот грип го наполни детскиот оддел во кумановската болница
Сезонскиот грип и респираторните заболувања го наполнија детскиот оддел во кумановската болница. Стотина деца се прегледуваат дневно на одделението...

Од осумдесет до стотина деца бараат помош во дневната амбуланта при кумановската болница. Од Одделот информираат дека бројката на заболени од грип и респираторни заболувања не е намалена. Одредено намалување потенцираат неделава има кај хоспитализираните.
„Со инфлуенца, компликации од инфлуенца, пневмонии, бронхоопструкции, миозит имавме исто компликации од инфлуенца. Инфлуенца а преовладуваше на сите брисови што ги зедовме по некое имавме со б и плус стрептококус пневмонии и хемофилус инфлуенца и со рентген потврдени на белите дробови“, изјави началничката на детското одделение д-р Маргица Арсовска.
Здравствените работници препорачуваат родителите да не ги носат дечињата во градинка или училиште доколку забележат симптоми на грип, температура, кашлање. Советот е да се консумираат повеќе витамини и течности и изолација.
Заболени се дечиња и од предучилишна и училишна возраст, но за разлика од пред неколку години овој пат е многу помал бројот на заболени новороденчиња.
На детскиот оддел во кумановската болница се лекуваат дечиња од останатите пет општини од североистокот.
Елена Георгиевска
