Грција да направи компромис со ЕУ за Македонија

16.12.2013 13:31

Вистински потег би бил Грција, како претседавач со ЕУ, да направи компромис околу Македонија, со што би дала позитивен сигнал за проширувањето, смета европратеничката Тања Фајон. Таа додава дека сепак се зависи од политичките лидери.

Вистински потег би бил Грција, како претседавач со ЕУ, да направи компромис околу Македонија, со што би дала позитивен сигнал за проширувањето, смета европратеничката Тања Фајон. Таа додава дека сепак се зависи од политичките лидери.

 ,, Вистина е дека проширувањето не е на агендата на Грција како претседавач со Унијата. Но не би се откажала од напорите и обидите на Македонија за изнаоѓање решение за спорот за името. И тоа што побрзо. За мене би бил  вистински потег доколку Грција, како претседавач со Унијата, 10 години по Самитот во Солун и најголемото проширување во историјата на Европа направи некаков компромис со Македонија. Тоа би бил позитивен сигнал за целото проширување, за чувството и односите на граѓаните во земјата. Но се зависи од политичките лидери“,   изјави за Дојче Веле европратеничката Тања Фајон.

Таа го повторила  расположението на Европскиот парламент спрема Македонија кој повторно дал препорака до шефовите на држави и на влади на Унијата конечно да бидат отворени пристапните преговори. За  најавите за нова блокада на европскиот пат на Македонија од страна на Грција, Фајон вели дека не сака да шпекулира што ќе се случува во наредните шест месеци.

,, Нешто е сепак сигурно. Атмосферата за решавање на спорот со името не е позитивна. Одлична можност би била сега Гѐрција, како претседавач со Унијата, да го направи тој чекор, како позитивна симболична порака дека проширувањето продолжува. Ако од една страна има блокирање, а од друга има лоша економска и финансиска ситуација, невработеност, социјални проблеми, тогаш се отвораат вратите за национализмите и евроскептицизмот. И тоа е многу опасно за земјата која тежнее кон Европа и која има една цел - европската интеграција“,  предупредува Фајон.

Идејата на еврокомесарот Филе за отворање на пристапните преговори на Македонија со ЕУ и истовремено паралелно решавање на спорот за името со Грција, вели, ја гледа како реална можност. Но, вели, имајќи го предвид искуството од споровите меѓу Словенија и Хрватска околу отворените прашања за границата и поранешната Љубљанска банка, смета дека е подобро ваквите работи да се решаваат одделно и директно меѓу двете земји.

Лидија Чакар