Израел и Хамас подготвени за нови преговори
И Израел и Хамас се согласни за преговори за следната фаза од примирјето, но Тел Авив негира дека има некаков напредок. Израелците бараат враќање на сите заложници, Палестинците очекуваат напредок во фазниот договор, хуманитарна помош и питка вода. Дека блискиот исток е како буре барут говорат и последните судири во соседна Сирија. Повеќе од 1.000 луѓе се убиени во немирите меѓу безбедносните сили и борците лојални на соборениот режим на Башар Ал Асад …

Израел и Хамас изразуваат подготвеност за следната фаза од преговорите за прекин на огнот, но израелските власти ги негираат тврдењата на милитантната група дека има напредок. Специјалниот пратеник на САД за Блискиот Исток, Стив Виткоф ќе отпатува во Катар на разговори со двете страни. Претходно, Вашингтон побара ослободување на 10 заложници во замена за продолжување на прекинот на огнот. Во Тел Авив демонстранти апелираа до претседателот Трамп за итно ослободување на заложниците што се држат во Газа.
„Обновувањето на војната е спротивно на израелските интереси. Но, обновувањето на војната им служи на интересите на Нетанјаху, бидејќи додека има војна тој може да го одложи судењето против него. Сè додека има војна, нема да се формира државен истражен комитет и Нетанјаху има стабилна влада.“
„Интересите на Нетанјаху не се интереси на државата Израел или нејзиниот народ. Огромното мнозинство, израелската јавност сака сите преостанати заложници веднаш да се вратат дома. Мнозинството силно се противи на продолжување на војната“-велат демонстранти.
И Палестинците кои живеат во опустошената Газа се надеваат на брз договор. Стравуваат од недостиг на храна и питка вода откако Израел го запре влезот на испораките на хуманитарна помош со цел за да изврши притисок врз Хамас да се согласи со условите за продолжување на прекинот на огнот. Во меѓувреме, Франција, Германија, Италија и Велика Британија го поддржаа планот од арапските земји за реконструкција на Газа, кој би чинел 53 милијарди долари и ќе избегне раселување на Палестинците.
„Газа е целосно уништена, останаа само камења и урнатини. Сега имаме итна потреба од храна и вода.“
„Основните производи за децата, како што е млекото е при крај. Се соочуваме со две кризи. Покрај опсадата, војната и уништувањето, има и недостаток на храна и вода за пиење“, велат жители на Газа.
Во соседна Сирија пак, повеќе од 1.000 луѓе, од кои над 700 цивили се убиени во судири меѓу сириските безбедносни сили и борците лојални на соборениот режим на Башар ал Асад. Судирите во регионот Латакија – упориште на алавитското малцинство, беше најголемиот предизвик за новите сириски власти кои стапија на функција пред три месеци.
„Нашите сили продолжуваат да се справуваат со преостанатите жаришта на криминалци, а сите инволвирани ги предаваме на надлежните безбедносни органи за да се погрижат да одговараат во согласност со законот. Нагласуваме дека секој што ќе одбие да и го предаде оружјето на државата ќе се соочи со решителен и бескомпромисен одговор“, изјави Хасан Абдул Гани, портпарол на сириското Министерство за одбрана.
Новите власти во Сирија се очекува овој месец да го објават составот на новата влада, која ќе биде внимателно анализирана за да се утврди дали ја одразува верската и етничката разновидност на земјата, особено по бранот насилства.
Маријана Димовска
