Единството во светот за Украина разрушено, ЕУ го разработува планот за вооруженост
Руската војска ги засилува нападите во Украина. Запрената поддршка од САД веќе е видлива на бојното поле. Тензично во Курск, Москва бележи успеси. Планот за вооружување на Европа ќе ја зајакне одбраната на блокот, уверува претседателката на Европската комисија. На сто дена од новиот мандат Фон дер Лајен потенцираше дека САД и Европа се најблиски сојузници со заеднички интереси и секогаш ги надминувале разликите…

Геополитичките поместувања ги тресат сојузите, децениските извесности се распаѓаат, и сè уште имаме брутална војна што беснее на нашите граници, изјави шефицата на Европската Комисија. На 100 дена од вториот мандат на чело на комисијата, Фон дер Лајен вели дека економскиот и иновативен потенцијал е предност за безбедноста на ЕУ, а планот за вооружување на Европа ќе ја зајакне одбраната и единствениот пазар.
„Оваа недела донесовме едногласна поддршка за вооружување на Европа, пакет од 800 милијарди евра за одбрана. Тоа е историско. Ова може да биде основа за европска одбранбена унија. Идејата е следна, мораме да го ослободиме целосниот потенцијал наспроти конкретните закани. И ако можеме да се здружиме со други земји, со истомисленици, како што се Обединетото Кралство, Норвешка или Канада, потенцијалот е уште поголем“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европска Комисија.
Норвешка – иако не е членка на ЕУ – целосно ја поддржува блокот за повеќе трошоци за одбрана, но верува дека колективната одбрана треба да остане под НАТО чадорот.
„Норвешка, која не е членка на ЕУ, целосно ќе ги поддржи напорите на ЕУ да троши повеќе заедно, да иновира, да инвестира во одбраната и да ја зајакне европската соработка, но ние веруваме дека колективната одбрана е таква што треба да остане во НАТО, дури и ако Европа преземе поголем дел од товарот“, рече Еспен Барт, норвешки министер за надворешни работи.
Европските земји треба да размислат за регрутирање и уште повисоки трошоци за одбрана – за да се спротивстават на заканата што ја претставува Москва, став на претседателот на Латвија која има 274 километри граница со Русија.
„Многу се концентрираме на Соединетите Држави. Изминативе денови зборуваме што можеме да направиме за Европа која во моментов е прилично слаба. Сите разбираме дека немаме воен капацитет, но исто така разбираме дека треба да го изградиме. Задачата овде е да ги зголемиме трошоците за одбрана за 5 насто и тоа не е само поради САД го, туку и поради нашите планови за развој на одбраната“, нагласи Едгарс Ринкевичс, претседател на Латвија.
Украина е посветена на дијалогот со САД, но активно комуницира и со европските партнери, уверува Зеленски.
„Продолжуваме да комуницираме активно со сите Европејци. Ќе има многу средби и многу разговори во блиска иднина. Верувам дека ќе има решенија. Во постојан контакт сме и со американскиот тим. Подготвуваме средба во Саудиска Арабија. Уверен сум дека средбата ќе биде продуктивна, ние во Украина сме посветени на тоа. Ќе се потрудиме украинските интереси да бидат земени предвид – на вистински начин“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Руската војска се обиде да упадне во западниот руски регион Курск, испраќајќи војници преку гасовод, соопштија украински воени власти. Гасоводот, наводно, бил дел од системот што ја снабдуваше Европа до почетокот на годинава. Изминатиот ден регистрирани речиси 170 судири на фронтот.
Наташа Гркова-Петрушевска
