Интерпелациите на членови на Судскиот совет во вторник пред пратениците
Членовите на Судски совет во вторник прво ќе се изјаснат пред претседателот на телото, а еден час подоцна нивната работа ќе ја оценуваат пратениците во Парламентот. Интерпелацијата е закажана, а експретседателката Дамева сè уште без став дали ќе присуства во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ очекува оставка од повиканите членови доколку биде изгласана интерпелација, а СДСМ сè уште не открива како ќе гласа…

Судскиот совет во вторник ќе се изјасни дали ќе учествува на собраниската седница за интерпелација на петтемина членови, вели поранешната претседателката на Советот, Весна Дамева за МТВ.
Членовите еден час пред стартот на пленарката треба да бидат присутни на седница која ја закажал претседателот Камбовски на ова тело. Пратениците освен за Дамева, ќе гласаат и за доверба на нејзините колеги Павлина Црвенковска, Тања Чачарова Илиевска, Селим Адеми и Миљазим Мустафа, а на иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ, потпишана од 67 пратеници.
Дамева засега не открива дали ќе си поднесе оставка, доколку ѝ биде изгласана недоверба. Од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат да проработи, како што велат, моралот и етиката кај членовите на Судскиот совет, како и свеста за постапките со кои го урнисале судскиот систем.
За СДСМ пак, интерпелациите претставуваат, како што велат, обид за груба партизација на судството од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Не откриваат како ќе гласаат.
Членовите на Судскиот совет го искористија законското право и во рок од 15 денови по приемот на интерпелациите, писмено му одговорија на собранискиот спикер Гаши. Во вторник според Деловникот, се предвидува 20 минути за образложување на интерпелацијата, од страна на еден од пратениците коишто ја поднеле и исто толку време за одговор од страна на лицето кому му се гласа доверба.
Паралелно со интерпелацијата на петтемина членови на Судскиот совет, македонската влада иницираше и постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.
Марија Котовска
