Политика

Партиите активно се подготвуваат за локалните избори

09.03.2025 19:32

Политичките партии се подготвуваат за локални избори на есен, а интегративците ем најавуваат политичка криза ем бараат предвремени парламентарни избори. За власта, уцените на ДУИ во кои го користат Законот за јазиците, е само дефокус од криминалите кои ги прават. За СДСМ интегративците се движат во спротивен правец…

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ активни во подготовка за локалните избори. Се мерат рејтинзите за кандидатите за градоначалници кои ќе учествуваат на изборната трка.

Речиси сите партии најавија дека имињата на кандидатите ќе ги објават во април. Локалните избори ќе се одржат во октомври.

Двете најголеми партии не стравуваат од најавите на ДУИ за бојкот на изборите. За владејачката партија ставовите на интегративците не се нешто ново, особено кога работите не им одат во нивна корист. Преку дефокусирање на јавноста се подготвуваат за изборен пораз. Социјалдемократите со порака до ДУИ да престанат со подгревање на етнички тензии и реториката за политичка криза. Одлуките на Уставниот СУД не треба да бидат под никакво политичко влијание став на СДСМ.

Забележителна е променетата реторика на ДУИ. Пратеникот Блерим Беџети се обидува да објасни дека „не планирале“ да ги бојкотираат изборите, туку политичката криза која би била резултат на одлуката за промена не неколку члена во Законот за јазиците од страна Уставниот суд, нужно ќе наметне предвремени парламентарни избори.

Ваквиот став на ДУИ доаѓа на ден по информацијата дека Уставниот суд добил јасна поддршка од САД да одлучува ослободен од притисоци во пресрет на подготвителната седница за Законот за јазици закажана за 20-ти март.

Марина Стојанова Тонева