свет

Во Саудиска Арабија нова рунда преговори помеѓу САД и Украина

10.03.2025 09:26

Утре во Ријад средба на американскиот државен секретар Марко Рубио и советникот за национална безбедност Мајк Валц со нивните украински колеги за ставање крај на руско-украинскиот конфликт. Вашингтон верува дека Киев е подготвен за чекор напред во однос на иницијативата на САД за прекин на огнот со Русија...

Дијалогот Вашингтон – Киев продолжува. Шефот на американската дипломатија, Рубио, допатува во Саудиска Арабија на разговори со украински претставници, неколку дена по одлуката на претседателот Трамп, да ја прекине воената помош за Украина. Претходно во февруари Рубио се сретна со рускиот колега, Лавров, што беше прва средба на официјални лица на тоа ниво по руската инвазија на Украина пред три години. Шефот на Белата Куќа верува дека ќе биде потпишан договорот за минерали и нагласи дека војната треба да заврши што е можно поскоро, поради економските и хуманитарните последици.

„Многу луѓе загинаа оваа недела, како што знаете, во Украина, не само Украинци, туку и Руси. Мислам дека сите сакаат да видат како тоа се завршува. Ќе направиме напредок, верувам, оваа недела. Сакаме да направиме се што можеме за да ја натераме Украина да биде сериозна во намерата да го заврши ова“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Во Саудиска Арабија на средба со саудискиот престолонаследник Мохамед Бин Салман ќе биде и Зеленски но нема да присуствува на разговорите со американските официјални лица. Украинската страна се очекува да предложи мировен план вклучително и запирање на нападите со беспилотни летала и ракети, како и суспензија на воената активност во Црно Море. По вербалната конфронтација, која ја симболизираше дипломатската промена во Вашингтон, помеѓу Трамп и Зеленски во Белата куќа кон крајот на февруари, украинскиот претседател на церемонија во Киев се пошегува за неносењето костум.

„Еден ден во иднина, јазикот на уметноста ќе се користи за да ни каже за новите времиња во Украина, за мирна, силна, безбедна, независна Украина. Зашто делата на доброто ќе се обноват, делата на злото ќе исчезнат. Уште еднаш им честитам на овогодишните победници и уште еднаш им благодарам на сите украински уметници, извинете што не сум во костум“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

На фронтот продолжуваат битките, соборени над 130 беспилотни летала. Руските сили направија дополнителен напредок во регионот Курск откако вчера зазедоа уште три населби, а специјалните сили поминаа 15 километри низ гасовод во близина на градот Суџа.

 

Маријана Димовска