Љубљана

Филков: Сега е моментот кога Европската Унија мора да покаже вистинско лидерство

10.03.2025 21:10

Филков учествуваше на меѓународната конференција Кон ЕУ: Зајакнување на интегритетот и независноста на кривичната правда во западен Балкан, која се одржува во Љубљана. Во присуство на голем број министри за правда и високи претставници, министерот Филков посочи дека пред нас е важен период кога мораме да покажеме политичка волја, лидерство и посветеност за спроведување на сите овие реформи...

Министерот за правда Игор Филков учествуваше на меѓународната конференција Кон ЕУ: Зајакнување на интегритетот и независноста на кривичната правда во западен Балкан, која се одржува во Љубљана. Во присуство на голем број министри за правда и високи претставници, министерот Филков посочи дека пред нас е важен период кога мораме да покажеме политичка волја, лидерство и посветеност за спроведување на сите овие реформи. Европската Унија и нејзините институции треба да продолжат да ја поддржуваат оваа амбиција, да покажат лидерство во решавањето на билатералните и регионалните проблеми, и да ја продолжат својата поддршка на патот на интеграцијата на Западниот Балкан.

Токму поради ова, сметам дека сега е моментот кога Европската Унија мора да покаже вистинско лидерство и политичка волја. Мора да биде јасно дека постои подготвеност и ширина за отстранување на билатералните спорови помеѓу земјите кандидати за ЕУ и земјите членки. Не само во рамки на Копенхашките критериуми, туку над нив – во името на регионалната стабилност и европската интеграција.

Филков се осврна и на реформите кои се спроведуваат во сферата на правосудството.

„Во последните неколку месеци, Република Северна Македонија презеде значајни чекори. Покрај усвојувањето на важни закони, како Законот за конфискација во граѓанска постапка и Законот за Канцеларијата за поврат на имот, беа преземени и мерки за зајакнување на правосудните институции. Од исклучителна важност се и подготовките на новиот Кривичен законик и Законот за кривична постапка, кои ќе бидат усогласени со европските стандарди и меѓународната пракса. Во моментов, во процес е предлог на закон за заштитено пријавување и заштита на укажувачи. Дополнително, значаен е и процесот на дигитализација во правосудниот систем. Во оваа пригода, би сакал да ја истакнам важноста на напредокот што нашата држава го постигнува во однос на имплементацијата на препораките од ГРЕКО. Особено во контекст на 5-тиот круг, кој се однесуваше на централната власт и Министерството за внатрешни работи.

Сакам да ја споделам информацијата дека во периодот од 17-19 март 2025 година, на пленарната седница на ГРЕКО во Стразбур, се очекува да биде затворен 5-тиот круг на евалуација за Република Северна Македонија. Ова е значаен успех, бидејќи од вкупно 23 дадени препораки, 17 се целосно имплементирани, 6 се делумно имплементирани, а неимплементирана препораки немаме. Со ова, нашата држава се истакнува како една од државите кои најбрзо го затвораат овој круг на евалуација“, потенцира министерот Филков.